Фудбалски сеќавања на Милан Тодороски
-Како пропадна големата шанса за Прва југословенска лига
Често се прават избори за најдобри во историјата и притоа се бараат критериуми. Кој е најважниот, најобјективниот критериум? Времето. По многу време да се памети некоја екипа или поединци, тоа значи вредност. Еден од тимовите што се паметат, како да настапувал вчера, е фудбалскиот на Победа од сезоната 1987/88. Во него меѓу најистакнатите е Милан Тодороски, летово дојден од Австралија. И по 32 години сограѓаните го препознаваат, се ракуваат, сакаат да поразговараат за убавите времиња. Еве зошто:
Роден во Дреновци, во Прилеп фудбалски зачекорува со соученикот Слободан Трајчески го зема во подмладокот на 11 Октомври кај тренерот Благоја Башески. Го поставуваат за капитен на подмладокот. Останува таму до 1979 година. Кога го префрлаат во сениорскиот тим, заминува на факултет во Скопје. Паузира до 1980 година, кога пак се регистрира, но за два клуба: Блаце кај Катланово и Мукос. Во сабота попладне игра за едните, во недела претпладне за другите. Така до 1982 година, кога доаѓа пак во 11 Октомври. Малку подоцна клубот се фузира со Металец и се формира клубот Прилеп.
– Во новиот клуб беа двата стручни штаба, од 11 Октомври и од Металец, и сите играчи, околу 40. Имаше повеќе селекции, но сите ги издржав. Ме ставија во прва постава на сите пријателски – се сеќава Тодороски.
Пролетта играат одлично. Спас од отпаѓање. Останува во Прилеп до крајот на 1984 година. Во јануари следната година заминува во скопски Балкан. Првите две кола немал право, потоа стартува од клупа. По 4-5 меча го седнуваат на клупа како резервен голман. Играч за врска да биде резервен голман. Невидено понижување: резервниот голман е играч, а играчот – резервен голман. Пораката јасна – заминување. Ама во најтешкото се познаваат јунаците. Останува да покаже дека вреди.
-Не се сомневав во своите способности. Во сабота попладне играв за Блаце, во недела претпладне добив пак шанса за Балкан, со Локомотива. Спремен бев да ,,изгинам,,. Губиме 0-1, враќам на 1-1. Победивме 6-1 – раскажува за пресвртот во кариерата..
Забележан е од стручњаците и се очекува да заигра за поголем клуб. Уште летото 1986 требало да премине во Победа, која тогаш влегува во Втора југословенска лига. Но, преминот не се случува и останува во Балкан и следната сезона. Дали воопшто ќе дојде во Победа, животна желба на секој прилепски фудбалер, прашање е што си го поставувал, бидејќи веќе има 27 години, а мора да отслужи воен рок. Во војска мора да замине или летото или најдоцна зимата 1987 година. Нема можност за одложување.
-Во градов случајно ме среќава Мицко Николоски, помошникот-тренер на Победа. Те бараме, а не можеме да те најдеме, ми вели. Само што почнаа подготовките. Тренерот Магдески се повлече, го наследи Кирил Анески – Тумано. Прво бев стартер, кога дојде тој ме смени, се до ,,генералката,, со Динамо Врање, кога со Најдоски направивме пресврт и се изборивме за прва постава на второлигашката премиера со Слобода ТУ, добиена со 1-0 – вели тој.
На подготовките летотозаминаа мног стандардните играчи. Се правеше нов тим, во кој градот не веруваше. Владееше песимизам и страв дека Победа е најслаба во Втората лига. Сосема логично, затоа што новите што дојдоа: Гунев, Досев, Тркалинов, Тодороски, сите од Републичка лига, покрај младите како Наумоски, Стојкоски, Најдоски и неколкумина домашни, кон кои секогаш има скептицизам, како Димоски, Конески… Игрите и резултатите на тест-натпреварите не даваат никому надеж. И играчите не се свесни за можностите, бидејќи мнозинството не играле во второлигашка конкуренција. И првенствениот почеток не ветува многу. Во 6 кола, освоени се само 3 бода. Но, екипата е упорна.
-Трениравме силно. Секој тренинг беше како последен. Не беше лесно да се излезе пред 15 илјади публика, а да не се ,,остави срцето на терен,,. Да не се отепаш во трчање. Од седум илјади со Мајданпек, кога победивме со гол од пенал, по победата со 0-1 во Титоград, веќе со ОФК Београд дома победивме со 2-1 пред 18 илјади гледачи. Тргна серија, преку Металург во Скопје, совладан со 0-1, Влазними дома со 2-0, Борац во Чачак со 0-1, Црвена звезда дома со 3-0. Од ,,б езвредната,, екипа, станавме најсериозни кандидати за Прва лига. Градот живееше за Победа. Одиш на бербер, за потстригување не ти земаат пари. Каде и да одиш, луѓето те тапкаат по рамења, ти прават чест. Не можеше да седиш во кафеана, а да платиш. Отсекаде стигнуваат пијалоци. Моравме да се криеме во сепаре – ја истакнува популарноста на фудбалерите во тоа време.
Тоа беше последниот најдобар тим на Победа во југословенскиот фудбалски систем. За разлика од други претходни и наредни состави, (исклучок е некоја генерација од педесеттите или шееесеттите) кои мошне добро и убедливо играле дома, а тешко надвор, тимот од 1987 го надмина тој комплекс. Факт се резултатите. Се редеа победи дома и на гости. Во силен залет, нема тим што ќе ја спречи Победа на патот кон Првата лига. За жал, дојде мечот со Нови Пазар дома.
-Цела недела низ градот навивачите прашуваа: Дали ќе им пуштите на гостиве? Немавме поим. На тренинзите, никој ништо не кажува. Така до неделата. Беше студен есенски ден, 15 ноември 1987. Трибините полни, навивање, тапани од сите страни. Со мерак да играш. Но… Пред загревање, го нема тренерот Кирил Анески – Тумано в соблекувална. Одам во сопчето кај Аспарух да менувам крампони. Се вртам зад вратата, го гледам Тумано се фатил за глава, го покрил лицето и плаче. Маж од педесетина години. Ми стана јасно. Ни се скрши сонот, неговиот, нашиот, од целата публика. Потоа во соблекувалната човек од Управата се обрати: ,,Момчиња, гостиве пролетоска не спасија, со 2-2, ни дадоа бод, Сега направете еден убав, лежерен натпревар. Нека биде 2-2 или 3-3 за публикава да ужива,,. Од Тумано ни збор, ни пред, ни за време, ни по мечот. По големо мачење на теренот и негодување со фрлање камчиња од публиката, заврши 0-0. Не излеговме до мрак, дури не си замине последниот навивач. Цела недела не излеговме в чаршија, од срам – кажува, а не може да ги задржи солзите, Тодороски.
Таа есен е печатот на неговата кариерата. Целата полусезона игра и заслужено се наоѓа во идеалниот тим на Втората лига – Исток. Исклучок е мечот дома со Тетекс, 0-0, кога поради напаѓачка тактика е сменет. По ремито со Нови Пазар и покрај падот во резултатите, стои уште шансата за врвот. Но, атмосферата не е истата. Екипата се менува. По крајот на есенскиот дел, Тодорски заминува во војска и Победа продолжува без него. Пролетта, наместо за врвот, паѓа на 10 место, што е големо разочарување за сите.
-Во декември 1988, екипата не беше иста, веќе во Трета лига. Се вратив во петок, а во саботата дојдов во клубот. Ме прегледаа да ме задржат. Пак во првата постава со Трепча во последното коло. Без ниеден тренинг одиграв 90 минути. Беше нерешено, а победивме во пенал-серијата. И пролетта играв за Победа, за летото 1989 да заминам, заедно со Наумоски, во второлигашот Пелистер, каде веќе беше Кулески. Одигравме 4 меча и нé суспендираа, поради неправилна регистрирација. Пак назад во Победа. Одиграв до крајот на полусезоната и пак промена – заминав во прволигашот Вардар. За една година сменив три ранга: Трета, Втора и Прва лига, три клуба, а за сите бев стрелец – се навраќа на бурниот период Тодороски.
Еден е од ретките прилепчани што играл во Првата југословенска лига, за Вардар. Иако само 5-6 меча, но, и тие се богато искуство, особено со Партизан во Скопје. Летото 1991 се враќа Победа, третолигаш, кога дава 16-17 гола во првенството што не заврши, поради распадот на Југославија. До заминувањето во Австралија, зимата 1993, игра за Победа во Првата лига на Македонија, каде настапува целата есенска полусезона, без минута пауза, со 9 гола. Од овој период незаборавно е дербито Победа – Вардар (1-1) пред 15 илјади гледачи.
Мукос – матичен клуб
-Почнав во 1976 година во Мукос Дреновци, на 15 години. Се формира клубот. Беше тежок фудбалот, не како сега. Се играше грубо, се дозволуваа и ѓонови и лизгачки стартови. Паралелно учев во Прилеп, каде се обидував да влезам во пионерскиот тим на Победа. За таму бев стар, пробав во младинскиот – за таму бев мал. Тогашните тренери не забележаа квалитет кај мене. Со топка не бев особен талент, но имав тркачки особини, кои ме издвојуваа од другите.
Успеси во Австралија
Зимата 1993 заминува во Австралија. Игра 7 години за Сиднеј Македонија во Премиер лигата на Нов Јужен Велс, Освојува 1 место и Куп, кој е значаен затоа што таму се вклучени 6 тима од Националната лига. Во ¼ финалето ,,прегазуваат,, премиерлигаш со неверојатни 1-6, полуфинале со Волонгог, а финале со грчкиот Олимпик 3-1 пред преполн стадион. Има снимка на интернет од 1994. Играл до 40 години, а потоа бил тренер во Рокдаил Илинден, Сиднеј, бошњачкиот Ливерпул. Двапати е тренер на годината на Нов Јужен Велс.
Извор: “Неделник ЗЕНИТ”