Серијата книжевни гостувања „Добри гости“ на „ПНВ Публикации“ продолжува во Прилеп

Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во соработка со „МА Продукција“ од Прилеп и „Култура Бета“ од Скопје, в сабота, на 25 јануари, во Прилеп ќе го реализира седмото издание на проектот „Добри гости“, преку кој иницира серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители.

Настанот ќе се одржи на 25 јануари, во кафе-галерија „Лувр“ во Прилеп, со почеток од 12:30 часот, и поддржан е од Општина Прилеп.

На седмото издание на „Добри гости“ во Прилеп ќе учествуват: Нина Насеска, Славчо Ковилоски, Андреј Ал-Асади, Никола Дукоски, Игор Трпчески, Звонко Димоски, Оливера Андоноска, Марија Ангеловска, Андреј Медиќ Лазаревски, Филип Димкоски, Петар Петрески, Викторија Ангеловска, Габриела Стојаноска-Станоеска, Сузана Ѓеорѓиевска, Лина Димоска, Елена Јандреовски, Андријана Дукоска, Ели Луческа и Јулијана Величковска.

Настанот ќе започне со промоција на стихозбирката „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска. Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, а потем ќе следува и книжевното читање на кое ќе настапат сите учесници.

Серијата „Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично.

Проектот досега се одржа во Штип, во Тетово, во Струмица, во Демир Хисар, во Куманово и во Охрид, а планирани се гостувања во уште градови низ земјата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.