Семејството ЅВОНЧАР од Прилеп се креаторите на брендот Љубовна ракија, производ кој со себе носи долга историја, исполнета со многу трпеливост, љубов, разбирање и производ кој полека, но сигурно се вградува во препознатливоста, културната и туристичката понуда на градот под Марковите Кули. Денис и Цеца Трајчески пред се’ останато се луѓе кои влеваат добрина, трудољубиви, креативни… што всушност дава дополнителна вредност на нивните дестилати. Затоа секој кој ги пробал нивните производи вели дека ја почувствувал и љубовта, вели дека почувствувал посебна топлина во срцето и вели дека тоа е еден вид еликсир кој со одговорно консумирање го подобрува целиот биоритам. Нема да откриваме повеќе. Проследете го интервјуто во продолжение, каде разговараме за целата историја и начин на подготовка на оваа љубовна приказна.
Во изминатиот период повеќе од успешно ја промовирате приказната за вашата семејна дестилерија. Впечатокот кај вашите ценети потрошувачи е дека создадовте една љубовна бајка, всушност како што е и името на вашите брендови “Љубовна ракија” и “Прва љубов ракија”. Прво она што е специфично за вас е дека вашето семејство се именува како Ѕвончар. Кажете ни накратко зошто Ѕвончар, како е дојден овој надимак?
-Фамилијата Ѕвончар го носи овој надимак уште од дедо ми, а сега и син ми го носи презимето по што е препознатлива нашата фамилија. Единствена поврзаност на ракијата Ѕвончар со презимето Ѕвончар е поврзувањето со традицијата на подготовка на ракија од дедо на внук, но овојпат по кавадаречката линија, да се продолжи традицијата но, и љубоморно да се чува и да не запре љубовта кон оваа семејна традиција. Сепак светот останува на младите, кои треба цврсто да се држат врз корените на предците, а оваа наша иницијатива е само ветер во грб на нашиот син.
Постои ли традиција во производството на ракија во вашето семејство и до кое колено влечат корените наназад?
-,,Ракијата е пијалок која ја грее душата и ги собира пријателите”. Традицијата за правење ракија ги преплетува корените и кај двете фамилии и од мојата и од страната на мојата сопруга, кавадаречко -прилепска ,,љубов”. Прадедото на сопругата уште пред 100 години се занимавал со производство на ракија и таа традиција се пренесувала од колено на колено и секоја генерација додавала свои специфичности во правење на ракија.
Она што знаеме е дека “Љубовна ракија” не е само обичен алкохолен пијалок кој се произведува во некоја маалска казарница, туку дека станува збор за бренд кој го красат посебни специфики. Што е карактеристично, како се добива овој репрезентативен производ, можете ли да ни откриете некои детали?
Љубовна ракија има еден слоган: ,,Љубовна ракија не е само ракија туку е авантура,,
-Љубовната ракија е рецептура која ја создава таткото на мојата сопруга со долгогодишно следење, зреење правење на многу експерименти се во насока на подобрување на вкусот збогатен со растението имела Viscum album
Имелата како билка се смета како еликсир, дури се употребува во препарати кои го зајакнуваат имуниот систем. Постојат податоци дека дури старите Викинзи, кои патем важат за едни од највоинствените и најсилните племиња во историјата, ја поврзувале со нивниот бог на сонцето. Верувале дека е лек и дека има магични моќи. Дали токму производството на “Љубовна ракија” има поврзаност со овие историски податоци и дали одговорното конзумирање може да биде и еден вид лек?
-Имелата е мала, разгранета, зелена грмушка, која се формира како полупаразит на разни дрва, даб, боров, круша и многу други на врвот од дрвото. Стеблото е дрвенесто, зеленожолто, заоблено и дихотомски разгрането. Листовите се дебели, кожести, зеленожолти, и има цвет со белопроѕирни зрнца. Имелата може да ја берат само исклучително стручни познавачи, бидејќи се бере само во одреден период во годината, со особена карактеристика на временските услови, сончеви денови и изложеноста на сонце, влажноста и друго. Во спротивно може да има несакани ефекти. Имелата успева единствено во еколошко чиста средина.
Како активен дел од растението се користат листовите и младите гранки (Visci albi herba). Во својот состав содржи алкалоид вискотоксин, инозитол, флавонски хетерозиди, восок, слузи, холин и други состијки. Хемискиот состав и лековитоста на имелата зависат и од дрвото домаќин на коешто имелата живее. Исто така и хипотензивното дејство на оваа билка варира, на пример најсилно изразено е кај имелата која живее на дабот. За нејзините придобивки има белешки кои се споменуваат уште кај Друидите, келтските свештеници, кај Викинзите и нормално симболиката дека растението само по себе има магична моќ која ја побудува и го интензивира чувството на исполнетост и љубов. Па и од таму името љубовна ракија.
Ваквите производи бараат голема љубов, трпение и големо познавање?
-Производство на ракија бара целосна посветеност во текот на целата година, но кога се работи со љубов и исполнетост ништо не е тешко да се работи и да се создава од грозје ракија, а од ракијата “еликсир на љубовта”.
Како се одлучивте за поголемо производство и какви се реакциите на оние кои прв пат ја дегустираат “Љубовна ракија”?
-Количините кои ние ги произведуваме се ограничени поради самата специфичнист на производство.Секој што ја пробал на свој начин ја доживува љубовната ракија исто како што и секој од нас различно ја доживува љубовта спрема партнерот.
Неодамна вашите брендови се закитија со два медали на Меѓународниот фестивал за оценување на ракии “Тиквешка ракијада 2024”. Притоа “Љубовна ракија” се закити со признание Голем златен медал, а “Прва љубов ракија” доби бронзен медал. Колку овие успеси ве мотивираат?
-Секако голема мотивација и гордост е наградувањето на квалитетот. Од тука сложеноста за да се добие вкусен производ е инспирација да се оди понатаму до подобрување и модернизација на условите.Со наградувањето на нашите ракии нам ни е дадена поголема обврска и понатаму да се грижиме за квалитетот и секако сатисфакција за иницирање на нови производи.
Имате динамичен живот кој го краси многу креативност, голема хармонија, меѓусебна почит и разбирање. Тоа е најмлаку што може да го каже секој кој ги познава Денис и Цеца.Како успевате да постигнете се’, со оглед на тоа дека производството на вашите брендови речиси секојдневно го промовирате на некој нов настан, на некој нов саем?
-Меѓусебното надополнување во секојдневието го пренесуваме и преку нашата работа, љубовта ја подаруваме на секоја наша промоција за секој еден консумент да почувствува колку ние сме вложиле љубов, време, трпение и внимание за таа љубов и понатаму да се шири.
Кога ќе се спомне ракијата како пијалок, првиот синоним во Македонија се Неготино и Кавадарци, но Прилеп котира можеби и подобро во оваа трка, а сепак не успеваме како град и како општина да направиме нешто повеќе. Што треба да направи општината во поглед на промоција и поддршкат на ова производство, со цел сите граѓани и целата прилепска економија да има бенефит, а градот да стане препознатлива дестинација за редовни посетители и туристи од други градови и држави?
-Дестилатите-ракијата се бори за своето место на пазарот и кај консументите. Се повеќе се прават промоции за да се вратат традиционалните рецепти, а до тоа и промовија на производителите. Во периодот кој следи многу од кафетериите и кафеаните прават промоции како Ракијада, се разбира тоа не е доволно, па како предлог нашиот град може да организира Ракијада која би ги обединила многу од производителите на ракија, а истовремено би била иницијатива и мотив многу од младите да се најдат себе си во производство и обработка лозови насади. И покрај тоа што традицијата покажува дека Тиквешијата е центарот на одгледување и производство на винова лоза исто така и прилепскиот земјоделски реон нуди многу можности за одгледување на лозови насади.
Дали семејството Ѕвончар има планови за проширување на производството и воведување на нови производи и вкусови?
-Новитетите се секогаш интересни, а и од нас се очекува нешто ново, со специфичен вкус пријатност при консумирањето и автентична арома.
Експериментите се прикрај, во периодот кој ни претстои ќе имаме новитети.
Како можат да ве најдат и контактираат сите оние кои сакаат да ги дегустираат и да се вљубат во вашите производи?
-Социјалните мрежи се најдобриот извор на информации исто така пишаните и Тв медиумите на кои често гостуваме.
На Facebook сме ljubovnarakija,
Instagram rakijadzvoncar.
За крај една ваша инспиративна мисла која ќе ги поттикне сите иноватори, а посебно младите луѓе да го следат својот сон.
-Две-три мисли секогаш ми ѕвонат при секоја реализација на нешто ново ќе ги парафразирам:
,,Бидете свои и автентични во сѐ што работите,,
,,Успех е да се добие тоа што се сака, среќа е да се сака она што ќе го добиеме,,
,,Љубов е сѐ она во што сме го вложиле своето време и сме оставиле дел од нас“.