Семакедонска илинденска средба- Трново 2016

Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес, и годинава се организатори на Четириесет и петтата Светска Македонска Иселеничка Средба и на Триесет и шесттата Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, како една и единствена Семакедонска Средба Трново 2016.

trnovo-ilinden-1

Главен покровител на Семакедонската Средба во Трново е градоначалникот на општината Битола и истата е дел од Програмата за култура на општина Битола со одлука на Советот на општината во 2014 година.

Семакедонската Средба Трново 2016, ќе се одржи на 2 август 2016 година во дворот на македонската православна црква “Успение на Пресвета Богородица“ во битолското село Трново со почеток во 11.00 до 13.00 часот.

Присутните ќе ги поздрават Иван Џо Петрески претседател на Матицата на иселениците од Македонија, Силвана Ангелевска претседател на Советот на општина Битола, Христо Гаков претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Ташко Јованов претседател на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Васко Наумовски пратеник во Собранието на Република Македонија.

Во името на организаторите на Семакедонската Средба, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров ќе прочита Семакедонска Илинденска Декларација.

Во Семакедонската Илинденска Декларација се апелира на семакедонско помирување и обединување за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата!

Во Семакедонската Илинденска Декларација од името на Македонците во сите делови на Македонија и во целиот свет се бара безусловен крај на разговорите за разликата во државното име со Владата во Атина, продолжување на членството на Македонија во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под дрважното име Македонија, македонско државјанство за Македонците по потекло во светот и враќање на државјанствата, граѓанските права и имотите на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 и Граѓанската војна во Грција 1946-1949.

Од Владата на Република Македонија, присутните ќе ги поздрави потпретседателот на Владата на Република Македонија Никола Поповски, министер за надворешни работи.

Програмата ќе продолжи со богата културно-уметничка програма и општонародна веселба. Во културно-уметничката програма со македонски народни песни и ора ќе настапат културно-уметничкото друштво “Гоце Делчев“ од Битола и Македонското културно уметничко друштво од село Љаски, општина Гоце Делчев од Пиринскиот дел на Македонија, поетесата Виолета Сековска со рецитација за Македонија, а ќе пеат Круме Спасовски, Марија Станковска и Софија Кочовска.

Добредојдени се Македонците од сите делови на Македонија и од целиот свет, а поминот како и секогаш ќе биде незаборавен!

Сите верници од 8.00 до 10.00 часот можат да присуствуваат на утринската божествена литургија во црквата “Успение на Пресвета Богородица” на која ќе чиноначалствува парохискиот свештеник.

За битолчани општината Битола организира вонредна автобуска линија Битола-Трново и назад. Организаторите обезбедија автобуски превоз од цела Македонија за Трново и назад.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.