Изминативе денови во околината на Прилеп активни се повеќе пожари. Во петокот голем пожар зафати огромна површина кај планинскиот превој Плетвар при што колони автомобили беа заглавени повеќе од 10 часа.
Гореше и во мариовско каде пожарот со крајни напори од доброволци и пожарникарите беше запрен да не го зафати селото Подмол.
Пожар се појави и во близина на манастирот Св. Преображение кај село Зрзе, каде манастирот беше во огромна опасност.
Денеска пак од попладнево активен е пожарот на Селечка планина во непосредна близина на манастирот Св. Димитрија над село Селце.
Пожарот избувнал во 12:15 часот и за кратко време се проширил. Малку недостасуваше да биде зафатен и манастирот кој беше спасен откако голем број доброволци пристигнаа на лице место.
Пожарот сеуште е активен, а пристигнаа и два канадери авиони кои помагаат во гаснењето.
Жално е тоа што авионите наместо да полнат вода од вештачкото езеро во Прилеп тие летаат до подалечни места и се враќаат назад.
Водата во езерото деновиве беше одново испуштена за промена на испусниот вентил на браната. Граѓаните се гневни поради тоа што водата се испушти во период кога времето е сеуште жешко и има зачестена појава на пожари, а исто така сеуште е потребна вода за наводнување по полињата.
Денеска повторно реакциите на социјалните мрежи се гласни токму поради испуштеното вештачко езеро што оневозможува побрза интервенција во гасењето на пожарот.