Министерството за економија и труд во наредниот период ќе организира информативни денови во поголем број на општини, на кои пред јавноста ќе се презентираат мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, како и за останатите мерки предвидени со Програмите за работа на министерството.
На овие средби покрај претставници од министерството, ќе бидат присутни и претставници од локалните самоуправи, Агенцијата за вработување и Агенцијата за поддршка на претприемништвото.
На инфо деновите се поканети стопанските комори, здруженија на занаетчии, здруженија на млади и сите граѓани кои сакаат подетално да се информираат за Оперативниот план за вработување и останатите мерки на министерството за економија и труд.
Првите информативни денови ќе се одржат утре (05.06.2025 година, четврток) во 10 часот во Салата на Советот на Советот на Општина Прилеп, каде ќе присуствува заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Инаку, Оперативниот план на министерството и Владата тежи околу 40 милиони евра и ќе опфати повеќе од 16.500 лица, а преку 9 стратешки и добро темпирани мерки се предвидува:
👉🏻 Поддршка за самовработување во износ до 7.000 евра, додека за млади лица до 29 години во износ до 10.000 евра
👉🏻 Самовработување преку здружување во ДОО на две лица – поддршка до 20.000 евра
👉🏻 Поддршка за вработување во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и невладини организации до 250.000 денари
👉🏻 Практикантство и младински додаток за лица до 23 години
👉🏻 Обуки за најбарани професии и дигитални вештини
👉🏻 Јавни работи за пошумување и заштита од пожари
👉🏻 Зелени инвестиции што отвораат нови работни места
Дојдете утре во собраниската сала на општина Прилеп и запознајте се со сите мерки одделно!