Секоја чест! Кавадарци, “Кожувчанка” и Фондацијата “Никола Јанчев” испратија 10 шлепери и 900.000ден помош за Турција и Сирија

Веднаш по потресната вест за настраданите од земјотресите во Турција и Сирија, Советот на Општина Кавадарци и Градоначалникот на Општина Кавадарци свикаа седница на која се обезбедија 900.000 денари помош!

Општина Кавадарци вчера вечерта ја одржа вонредната, шеста по ред седница на Советот на Општина Кавадарци, со цел одобрување на финансиска помош од буџетот на Општина Кавадарци за погоденото население од земјотресот во Република Турција и Сирија. На почетокот од седницата Советниците со едноминутно молчење оддадоа почит на загинатите во земјотресот.

Едногласно беше одлучено сума од 600.000 денари да биде уплатена на трансакциона сметка добиена од Турската амбасада за настраданите во Р.Турција, а сума од 300.000 денари да биде уплатена на сметката на Црвен Крст на РСМ со намена за настраданите од земјотресот во Сирија.

На седницата, Градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев информираше дека на помошта, дополнително ќе се приклучи и Компанијата Кожувчанка од Кавадарци и Фондацијата Никола Јанчев испраќајќи денес и утре 10 шлепери со вода за пиење кон настраданите. Пет шлепери се донација од Кожувчанка и Фондација Никола Јанчев, а пет од почесниот конзул на Р.Турција во Битола господинот Ајдован Адемоски.

На крај беше упатен и отворен апел до граѓаните и пред сите, до бизнис секторот, за организирано прибирање на финансиска и материјална помош за настраданите подрачја, со напомена дека по медиумите ќе биде објавен списокот на материјални добра кои се потребни и кои може да се собираат.

Можеме заедно!
Да помогнеме во овие тешки моменти за Турција и Сирија со својата солидарност и хуманост на дело!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.