Баталјонот на специјални сили го прославува 1 март, како датум во спомен на денот кога 1994 година е формирана првата специјална единица во Армијата, препознатлива како „Волци“, која воедно е и првата професионална единица.
Нејзин прв командант е тогашниот потполковник Мирослав Стојановски, потоа Началник на Генералштабот на АРМ во периодот од 2005 до 2011 година.
На почетокот на 2000-тите години единицата претрпува неколку структурни промени со тоа што станува дел од новата Единица за борба против тероризам, таканаречена „Соколи“ која првично за време на воениот конфликт во 2001 година требала да претставува здружено воено-полициско тело за борба против тероризам, но потоа се планирало да остане само дел од армијата. Кога е формирана Командата за специјални единици, Волците стануваат нејзин одред. Последната структурна измена на единицата се случува во 2003 година кога таа станува Баталјон за специјални намени, дел од Полкот за специјални операции заедно со Ренџерскиот баталјон, формиран наредната година.
На 18 август 2005 година на прославата по повод одбележувањето на Денот на АРМ, тогашниот Претседател на Македонија, Бранко Црвенковски го одликувал Баталјонот за специјални сили со Орден за воени заслуги, високо воено одличје кое се доделува за храброст и истакната служба на воен план. Toa е првото доделување воопшто на овој орден.
Како клучно тело во безбедносните структури, единицата активно учествувала во низа операции за време на воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Еден од поважните настани за единицата во овој период е Масакрот кај Вејце кој се случил на 28 април на патот меѓу селата Вејце и Селце во тетовско. Тој ден 8 припадници биле ангажирани во комбинирана патрола со 8 други припадници на ПЕП низ селата на Шар Планина. Волците учествувале со две возила Хамер со по четворица припадници внатре.
Конвојот од полициско-воени возила бил нападнат во заседа во тесен, непрегледен свиок, засечен од двете страни со косини до три метри височина. Во настанот загинуваат четворица припадници на единицата — Бобан Трајковски, Игор Костески, Миле Јаневски и Роберт Петковски. Овој настан се одликува како еден од најкрвавите во поновата историја на Македонија. Истиот го извршиле припадници на ОНА, во содејство со Муџахедини. По престрелката извршителите громорозно ги мачеле и касапеле убиените. На припадниците на единицата им биле разнесени главите, прстите, нозете.
Во касарната „Илинден“ – Скопје денеска ќе се одржи воена свеченост по повод одбележување на Денот на првата специјална единицата и 30 години од формирањето на Баталјонот на специјални сили (бСС).
На свеченоста, покрај министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, ќе присуствуваат и армиски генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, пензионирани генерали, команданти на команди и единици на Армијата и други високи гости.
Денот на единицата, согласно програмата, ќе се одбележи со пригодни обраќања на министерката за одбрана, началникот на Генералштабот на Армијата, првиот командант на единицата, пензионираниот генерал Мирослав Стојановски и командантот на бСС потполковник Стефан Ивановски, по што ќе следува соопштување на стимулативни мерки за припадници на единицата и презентација на дел од новата опрема за припадниците на Армијата.