По пауза од цела година, продолжија натпреварите во борењето. Во Скопје се одржа Изборното првенство, бодувано за Купот. Членовите на прилепскиот клуб 7 Мај Леов покажаа дека не седеа со скрстени раце при пандемијата. Дадоа плод тренинзите во тешки околности.
Клубот е презадоволен од кадетките. Ланските шампионки против себе имаа мотивирани и добро подготвени противнички од другите клубови, но го одбранија првото место, екипно. Седум, од осумте прилепчанки, се искачија на пиедесталот. Првото место поединечно го освои капитенот Барбара Стојкоска во групата до 65 килограми тежина.
Таа е сигурна репрезентативка во потесниот избор. На поширокиот список уште се Оливера Мицеска со 3 место до 57 кг., Михаела Богеска и Ивона Мицеска со трети места до 49 кг., Деспина Богеска со 2 место до 43 кг., Елена Малиноска и Елена Неданоска со трети места во истата категорија. Солидна беше и петтата Елена Дејкоска со дебитантскиот настап до 43 кг.
– Покрај тројца прилепски тренери Иганотоски, Илчо Марковски и Теодор Темелковски, што го сочинуваме комплетниот репрезентативен Стручен штаб, убаво е што имаме и репрезентативки од клубот. Целта ја постигнавме наспроти непишаното правило, лесно е да се искачиш на врвот, тешко е да се задржиш. Лани убедливо бевме пред скопски Безбедност, а сега со помала разлика пред Вардар – вели тренерот Игнатовски.
Борачите во машка конкуренција беа со послаби пласмани, но не разочараа. Колку се очекуваше, толку постигнаа. Кај кадетите Стефан Јосифоски до 49 кг. и Благојче Ѓорѓиоски до 52 кг. завршија на петтото место. Кај сениорите Стојанче Тушески е на 5 место до 125 кг., Теодор Темелковски петти до 69 кг., а Марјан Мимичкоски деветти во истата група. Уште едно петто место освои Христијан Пенков, до 79 кг.
-Кај машките важно е учеството, а не и пласманите. Не беа подготвени како што треба. Тешко беше без ниедно првенство или турнир. Но, на државните првенства во април, ќе пееме ,,друга песна,,- најавува Игнатовски.
Мнозинството од кадетките имаат право и за пионерки в недела на Изборното во Штип, каде ќе има и младинци до 20 години.
Дали ќе се најде сала?
Желба е на тренерите и репрезентативките првиот собир на Кадетската женска репрезентација да биде во Прилеп. Може да се оствари, ако се обезбеди сала. Собирот ќе биде кон средината на март. Тој ќе биде означен како прв вистински собир, иако и претходно имало подготовки. Сите претходни биле заедно со машката репрезентација, а сега женските се осамостојуваат.
Извор: “Неделник Зенит”