Седум милиони евра за три нови електрични локомотиви, пристигнуваат и петтиот и шестиот модерен воз

Државата во полн инвестициски циклус за модернизација на железницата. Паралелно се инвестира во изградба и реконструкција на железничката инфраструктура и се вложуваат значителни средства во обновување на возниот парк на Македонски железници.

 

nov-voz-bitola1-640x427

По набавката на 150 товарни вагони во вредност од 13 милиони евра и набавката на 6 нови патнички возови за кои се инвестираа 25 милиони инвестицискиот циклус во обновата на возниот парк на македонски железници продолжува и во следниот период за кога е предвидена и набавка на нови електрични локомотиви.

Од Владата истакнуваат дека ваков вид на инвестиции во возниот парк на Македонски железниции не е забележан со децении и дека со овој вид на инвестиции драстично се подобрува квалитетот на функционирање на македонски железници, се модернизира железничкиот сообраќај а истовремено се подобруваат и железничките услуги како за граѓаните кои го користат патничкиот железнички сообраќај така и за компаниите од државава кои го користат товарниот железнички сообраќај.

-Ние сме во еден значителен инвестициски циклус во железничкиот сообраќај по обезбедувањето на 150-те нови товарни вагони и пристигнувањето на четири нови патнички модерни возови. Добар момент е што можеме да истакнеме дека во текот на месеците јуни и јули ќе пристигнат 5-тиот и 6-тиот модерен воз со што се заокружува еден проект во вредност од 40 милиони евра. Дополнително на ова инвестираме уште 7 милиони евра во обезбедување на нови електрични локомотиви за кои што постапката за избор на економски оператор е во тек и завршува на 2-ри јуни. На овој начин ќе се подобрат сериозно капацитетите, перформансите на Македонски железници и тоа ќе има позитивно влијание и на граѓаните и на компаниите и на сите други сектори кои се во корелација со железничкиот сообраќај. На тој начин ќе продолжиме и во иднина со инвестиции паралелно и во инфраструктурата на железницата и во подобрување на останатите капацитети, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

gjorgjiev-za-subvencii-640x371

Паралелно со овие инвестиции за модернизација на возниот парк на Македонски железници се продолжуваат и инвестиционите активности во железничката инфраструктура. Како што вчера најави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски објавен е тендерот за изградба на втората фаза на пругата кон Бугарија, од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34км за што ќе се инвестираат во вредност од 140 милиони евра.

-Ние започнавме со градежни активности во првата фаза. Се работи за инвестиција од 40 милиони евра тоа е од Куманово до Бељаковце. Сега ја објавивме втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка, а во тек сме и со проектирање на третата фаза,  истакна министерот Мисајловски кој информираше дека согласно предвидената динамика се очекува до крајот на годината да биде завршена целокупната постапка за избор на изведувач и да следува започнувањето на втората фаза на пругата кон Бугарија.

vlado-misajlovski-vozovi12-640x395

Истовремено во тек е изградбата на пругата Битола – Кременица кон Грција во вредност од 19 милиони евра, се работи на реконструкција на делницата Ногаевци – Неготино каде се инвестираат  9,4 милиони евра, а се отпочнати и постапките за проектирање на новата пруга Кичево – Лин кон Албанија во должина од 63 км каде се проектира и дополнително и еден крак до Охрид.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.