Листите се во добар дел усогласени, единствено она што ни преостанува е два – три дена да ја затвориме коалицијата со нови коалициони партнери. И тоа што имам да го соопштам сега како би рекол одредена новост за Вашиот медиум е дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде проширена со во моментов 7 политички партии, кои што до вчера биле во коалиција со СДС, а сега преминуваат во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
„За два – три дена очекуваме одлука од уште една политичка партија. Значи би биле вкупно осум политички партии“, рече тој.
Милошоски додаде дека тоа е сигнал дека коалицијата на СДС веќе не е привлечна.
Toj посочи дека тие партии се Социјалдемократската унија, Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите, Македонски концепт, Демократскиот сојуз, Обединети за Македонија, ТМРО, Достоинство. И се очекува одлуката на уште еден довчерашен коалиционен партнер на СДС.
„Во овој концепт кој што гледаме е дека прво постои интерес и нас ни годи тоа што постои интерес за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, сепак тоа дава сигнал дека овие партии препознаваат на каде се движи политичката тенденција во државата. А, второ заедничкиот именител со овие партии е дека да имало грешки од наша или од нивна страна во минатото, но дека сега е дојдено време за обединување. Обединување за интересот на Македонија“, порача Милошоски.
Милошоски рече дека е време Македонија да биде една подобра држава во која што и демократијата и економијата, и владеењето на правото, и образованието, здравството ќе бидат на еден подобар и повисок стандард.
„Затоа сметам дека ова е еден добар сигнал, тоа што политички партии од јатото на коалицијата на СДС го напуштаат бродот кој што тоне и преминуваат кај ВМРО-ДПМНЕ. Препознаваат тука коалиција што ќе победи на овие избори“, укажа тој.