Фудбалерите на Исланд ѝ направија услуга на Македонија и одиграа реми без голови во Букурешт против Романија (0-0), во пресметката од претпоследното коло во квалификациите за Светското првенство.
Сега Македонија сама одлучува и има историска шанса да игра плеј-оф натпревар за настап на Светско првенство.
Само победа токму против Исланд во недела е опција за нашите момци и се друго ќе значи прокоцкување на оваа единствена шанса, со оглед на тоа дека Романија му гостува на Лихтенштајн и речиси сигурно ќе триумфира на овој натпревар.
Македонската фудбалска репрезентација вечерва ја победи Ерменија со убедливи 5:0 во дуел од 9. коло во Мундијалските квалификации. Избраниците на селекторот Благоја Милевски во Ереван демонстрираа моќ и со сигурна игра во текот на целиот натпревар заслужено стигнаа до трите бода.
Резултатот го отвори Александар Трајковски во 22. минута по асистенцијата на Стефан Ашковски. До крајот на првото полувреме Енис Барди постигна гол по асистенцијата на Елиф Елмас за зголемување на предноста на 2:0. Барди погоди уште два пати од пенал во второто полувреме. Најпрво го реализира пеналот во 66. минута направен токму врз него, а во 89. минута го погоди пеналот направен над Езѓан Алиоски. Во меѓувреме гол даде и Милан Ристовски во 79. минута по втората асистенција на Елмас.