Претседателскиот кандидат Максим Димитриевски во Тетово рече дека се наоѓаме пред историски чин. Граѓаните можат да ја променат таа состојба и за првпат во Македонија да се гласа за, а не против. Тој рече дека сме жртви на два политички субјекта од македонскиот блок и два од албанскиот.
– На Македонија ѝ треба претседател, обичен човек, којшто ќе тргне од нив и ќе биде со нив. И затоа со право можам да кажам дека јас сум еден од тие.
– Не сакам да видам како се превртуваат автобуси затоа што немаат технички преглед. Живи луѓе да горат по болници, наместо да ги лекуваме, ние ги убиваме. И денеска ги гледам истите луѓе кои се најодговорни за таквите нешта, се шетаат по Македонија, исто како во корона кризата, кога правеа пи ар кампања во владата и направија огромен прес центар, наместо да решаваат проблеми, како се саморекламираат и афирмираат за актуелни носители на пратенички листи. И од овде сакам да им порачам на сите такви, а тие таквите во моментов се актуелното раководство на СДСМ, кое состави пратенички листи за самоамнестија и имунитет. Едни исти луѓе во континуитет со години наназад. Ги испроменија сите функции, а граѓанинот го ставија на дното. Е па не може така – рече Димитриевски.
Тој говореше и за ситуацијата во надворешната политика и дипломатијата, нагласувајќи дека професионалните кадри се ставени во ќоше.
– Ние сите битки ги изгубивме на маса, поради неспособноста на кадрите кои доаѓаат од партиските кујни – рече тој.