СДСМ сега ги бара обвинителите што го преспаа криминалот во Прилеп цели 7 години (ВИДЕО)

„На денешниот Меѓународен ден за борба против корупцијата, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија обелоденува нов случај за незаконско работење на избрани и именувани функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Постои основано сомнение дека градоначалникот од Прилеп и 5 директори од средни училишта го прекршиле законот со незаконски јавни набавки“, обвини Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ Прилеп и додаде:

Бараме итна реакција на надлежното Јавно обвинителство и соодветни кривични пријави. Имено, на 6-ти март 2023 година, директорите на 5-те средни училишта од Општина Прилеп: „Ѓорче Петров”, „Кузман Јосифоски – Питу“, „Орде Чопела“, „Ристе Ристески – Ричко“ и Гимназијата „Мирче Ацев“, во својство на застапници на договорни органи и правни лица, склучиле Договори за јавна набавка на услуги за превоз на ученици.

Договорите биле со важност до 31.12.2023 година и освен времетраењето, со нивното потпишување двете страни ја прецизирале и вредноста на Договорите. Две недели пред истекот на времетраењето на Договорите, директорите на 5-те училишта и превозниците склучиле анекси со кои важноста на Договорите ја продолжиле до 29.02.2024 година.

Како што вели, после првиот, следувало потпишување нов, втор по ред анекс на Договорот.

„Меѓутоа, освен што неговата важност ја продолжиле за нови 50 дена, овој пат директорите направиле измена и во вредноста на Договорот, поточно ја зголемиле цената на услугата, што е спротивно на Законот за јавни набавки. За целото тоа време превозниците вршеле превоз на ученици без важечки договори, а за извршената услуга доставувале фактури кои директорите ги исплаќале без претходно спроведена јавна набавка. Со склучените анекси на Договорот за јавна набавка на услуги за превоз на ученици, сметаме дека постојат основи за сомневање дека директорите на 5-те средни училишта и градоначалникот на општина Прилеп направиле неколку кривични дела, меѓу кои и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“. Од тие причини, доколку Обвинителство не отвори предмет по допрен глас, тогаш Социјалдемократскиот сојуз на Македонија до Основното јавно обвинителство Прилеп ќе поднесе кривична пријава против петтемина директори и градоначалникот на Општина Прилеп“, посочи Лукароска.

Во врска за овие обвинувања од општина Прилеп најавија прес конференција за денеска со почеток од 12 часот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.