СВР Битола ги известува граѓаните и правните субјекти дека Отсекот за компјутерски криминал при СВР Битола во изминатиот период забележа зголемена активност на измамници, кои преку социјалните мрежи се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути или услуги за посредување при остварување на право на наследство од друга држава.
Овие лица користат лажни профили или спонзорирани реклами, често ветувајќи висока заработка и брзи добивки, со што успеваат да ги привлечат жртвите. По воспоставувањето контакт преку социјалните мрежи, измамниците комуницираат со жртвите преку телефонски повици, користејќи VOIP броеви, кои обично изгледаат како локални броеви, за жртвите да стекнат доверба. Во текот на разговорот, тие ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер за далечински пристап, под изговор дека им е потребен за да им помогнат со поставување на платформата за тргување.
Откако ќе добијат далечински пристап до компјутерот или мобилниот уред на жртвата, измамниците пристапуваат до електронското банкарство и ги префрлаат парите од банкарските сметки, со што им предизвикуваат значителни финансиски штети.
Исто така, во континуитет се присутни и таканаречените „Phishing“ измами кои функционираат на тој начин што до граѓаните се праќаат пораки од модифициран меил или лажиран локален телефонски број, во кои најчесто стои URL линк, кој води до веб страна што е дизајнирана да изгледа како легитимна веб страна на пошта, некоја државна институција или правен субјект, при што од граѓаните и правните субјекти по разни основи се бара да внесат податоци од платежни картички, сметки и други лични податоци кои потоа се злоупотребени на најразлични начини.