Саатот во Прилеп не е само стара кула во срцето на градот – тој е сведок, симбол и простор што ги поврзува генерациите и културите. Последниве неколку години, Саатот прерасна во место за средби, идеи, пријателства, иницијативи, дебати, музика и игранки… но во себе носи сведоштва за период од 200 години, два века случувања во Старата прилепска чаршија, среќни моменти, но и тешки времиња, времиња на војни, на подеми и падови…
Во годината во која одбележуваме 200 години постоење, накратко се сеќаваме на историјатот на Саат Кулата – гордоста на секој прилепчанец и највпечатливото спомен-обележје што ги восхитува сите кои го посетуваат Прилеп.
Денешната кула, изградена во 1858 од мајсторите Коста Лауц и Ристе Тасламиче, стои на местото на постара дрвена кула од 1825/26, изгорена во големиот пожар од 1854 год. кој ја зафатил целата чаршија. Првата дрвена кула била подигната од Саид-ага, била висока околу 40 м, заедно со столбовите и конусот на врвот достигнувала до 55м.
Реновирана во 1836/37 и 1896/97 година, а во меѓувреме бил поставен часовник во 1858 година.
Била градена на шестаголна основа со масивни камени блокови со вкупна височина од 38,76 метри, а заедно со столбовите и конусот достигнува 55 метри.
Во долниот дел, на спротивната страна од влезот, има чешма, која за жал денес не е во функција. Над влезната врата има натпис со арапски букви на кој пишува:
„Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува саатот жали и вика …„Ах…”
Со својата шестоаголна основа, масивни камени ѕидови и благ наклон од 114,4 см, кулата како да шепоти приказни од минатото, сведок на огромен број историски случувања. Таа, позната како „Кривата кула“ на Прилеп, го одбројува времето, го краси архитектонскиот пејзаж и со својата издржливост го инспирира секој кој ја погледнува.
Накривувањето кое низ годините се зголемуваше, беше закана и целосно Прилеп да го загуби својот историски белег. За среќа тоа беше спречено во во 2013 година, кога на инсистирање на тогашната локална самоуправа, предводена од градоначалникот Марјан Ристески, беше реализирана темелна санација и стабилизација на кулата, што ја спаси оваа величествена градба од пропаст и ѝ овозможи нов живот.
Веднаш по стабилизирањето, беше целосно уредено платото околу Саат Кулата, создавајќи модерен и пријатен простор кој денес претставува едно од најрепрезентативните градски јадра. Платото е место каде што се одржуваат бројни културни настани и манифестации, собирајќи стотици посетители и создавајќи уникатна атмосфера во центарот на градот речиси секоја вечер.
Се изврши уредување на околу 2.000 метри квадратни во духот на традицијата, но и на современото. Беа поставени канделабри, се изградија гранитни патеки, се постави прекрасна урбана опрема… За жал денеска малку се прави за оваа убавина да се одржува, пример за тоа се канделабрите, од кои ретко која свети, лозниците станаа само насрешници, а жардиниерите со цвеќе веќе одамна се претворија во корпи за отпадоци…
Истата година беше вратено и срцето на часовникот. Благодарение на Димитар Чучуроски механизмот одново почна да чука, а така беше до пред скоро една година, од кога одново, за жал, часовникот не работи.
Да се надеваме дека општината и надлежните од Министерството за култура ќе изнајдат начини, проблемот што поскоро да се санира, а Саат Кулата одново силно да отчука и нејзиниот звук да се слушне низ целиот град.
Во меѓувреме, Саат Кулата продолжува да го чува споменот за минатото, да биде инспирација за иднината и вечен симбол на Прилеп – градба која го поврзува времето и историјата.