САСА-ПОБЕДА од двојка во кец! Црвено-белите се жалат на лошото судење во Македонска Каменица

Екипата на САСА од Македонска Каменица стигна до првата сезонска победа во Втората фудбалска лига, откако попладнево со пресврт во второто полувреме триумфираше на Победа со 2:1.

Црвено-белите водеа на полувреме со голот на Дарко Грозданоски во 45-та минута, а во вториот дел САСА дојде до пресврт со головите на Сашо Дуков, најпрво во 63-та минута од белата точка, и во 88-та минута.

Прилепчани после натпреварот се пожалија на судењето на овој натпревар, а за главниот судија велат дека досудил непостоечки пенал.

Всушност, на натпреварот во Македонска Каменица, правдата ја делеше истиот судија кој пред неколку кола исклучи тројца играчи на Победа, на натпреварот против Осогово во Прилеп.

Со овој нов пораз Победа тони на табелата и сега е на 11-то место со само 8 освоени бода после 7 одиграни кола. Наредниот викенд црвено-белите ќе ја дочекаат екипата на Детонит Плачковица.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.