Ние ќе бидеме таму за да воспоставиме ред и се знае точно, има државен протокол. Секој еден кој пријавува делегација за да оддаде почит, секако ќе им биде овозможено. Сите кои што се пријавиле дека ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев, ќе бидат таму. Само со пријава ќе може да се присуствува, тоа е објавено неколку пати. Мора да се најават делегациите затоа што во услови кога имате радикали од државата или од надвор кои викаат „да ние ќе дојдеме таму и ќе правиме што сакаме“ – тоа не можат да го прават. Оваа држава има ред и поредок и тие мора да се почитуваат, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Министерот е дециден дека за никој нема да има вип-третман на 4 февруари.
-Ние ќе ја обезбедиме манифестација и ќе се обезбеди ред и поредок. Се знае кој се обезбедува, кој се движи со обезбедување и тоа се е уредено со уредба. Шпекулациите не се во функција на намалување на тензиите. Нема никаква потреба од ноќни стражи и чувања на гробот, додаде Спасовски во вестите на Тв Сител.
Првиот полицаец во земјава истакна дека се уште нема најава за официјална делегација од Бугарија што во сабота ќе дојде во Скопје.