Убаво, празнично е пред Божик во Крушево.
По десетти пат на плоштадот “Никола Мартиноски” во Крушево, вечерва во пресрет на големиот празник Божик, се одржа традиционалната манифестација „Дева“.
Што е Дева?
Накратко, Дева е празник кој го слави појавувањето на ѕвездата која го најавува Христовотo раѓање.
Како се чествува?
Машки деца или возрасни мажи ги посетуваат домовите на Крушевчани држејќи во раката шестокрака ѕвезда и пеејќи песна со која го најавуаат Христовото раѓање. Домаќините за тоа ги даруваат со муштулук.
Што е Дева во чест на новото раѓање?
Тоа е проект на СОУ „Наум Наумовски – Борче“ од Крушево изработен во рамките на одржливиот развој на туризмот. Се потпира на три компоненти:
-економска да обезбеди приход на месното население. Затоа се тука индивидуалните производители од Крушево. Тука се и угостителските објекти од градот, наши редовни поддржувачи, кој имаат за цел да се претстават и да го испочитуваат празникот
-еколошка компонента, која во нашиов случај е запазена со минимална заштеда на електрична енергија. Како? Така што секој од нас, утрешната Бадникова вечера ќе ја помине во блажена атмосфера само под светло на бадниковите свеќи
-и трета компонента – социјална, која има за цел да го потпомогне месното население. Затоа е тука касичката, во која се собираат средства за првото бебе кое ќе се роди помеѓу две Деви на територијата на градот Крушево. Во тој дел покрај вас, многу ќе помогнат и нашите учениците, кои со ѕвездата ќе ги посетат домовите во Крушево и ќе го најават раѓањето Христово.
Младите демонстрираат вековна традиција. Велат, само во Крушево, па дури до Витлеем. Предбожиќни песни, навестувањата, голем број изработени шестокраки црвени ѕвезди, како онаа во Витлеем кога било навестено Исусовото раѓање.
Крушевчани се горди на традицијата која им ја објаснуваат детално на посетителите и на гостите, а тие, пак, гостите, воодушевени од впечатоците – на градскиот плоштад среде Крушево пробуват од посната трпеза, се топлат со напитоците во петојануарската зимска вечер и воодушевено се подготвени да им раскажувата на блиските и на пријателите – Предбожиќната петтојануарска вечер во Крушево вреди да се доживее.
Билјана Проеска пред присутните истакна дека чест и задоволство е што оваа година настанот бележи 10 години.
“Во изминативе години, ншата ѕвезда израдува 9 новороденчиња: Матеа Трајкоска, Клара Ристеска, Александар Богданоски, Стефанија Николоска, Христијан Крстески, Василија Димитриоска, Виктор Николоски, Марко Петкоски, Михаела Ристеска. Го очекуваме десеттото новороденче во оваа 2023 и продолжуваме во втората декада. Воведуваме нови содржини со кои ќе ви овозможиме овој настан да го паметите как еден од најубавите во вашиот живот. Нека е за многу години Дева”.
„Дева“ е еден од најзначајните празници и обичаи за Крушево и крушевчани, бидејќи на уникатен начин ги претставува културата и традицијата на градот. Она што е важно да се знае е дека само во Крушево и во Витлеем се празнува овој празник, односно најавувањето на раѓањето Христово.