За тековните активностите и успесите на Студентскиот парламент при Технолошко технички факултет Велес разговараме со Александар Савески – Претседател на Студентски парламент при Технолошко технички факултет Велес и член на Сенатот при Универзитет Св. Климент Охридски – Битола.
Ваша организација функционира во рамки на Технолошко технички факултет Велес. Кога е формиран факултетот и кои студиски програми се активни?
Технолошко технички факултет Велес со дисперзирани студии во Кичево и Битола е формиран во 2008 година во рамки на проектот на Владата на Р. Македонија за отворање на нови факултети и дисперзирани студии. Студентите на прв циклус студии студираат на студиските програми: прехранбена технологија и биотехнологија и нутриционизам. Станува збор за инжењерски науки кои се ценети и атрактивни на пазарот на трудот.
Кои активности се предвидени за тековниот семестар во Вашата програма за работа?
На почетокот на семестарот беа организирани повеќе состаноци со студентите, на тој начин можеме со студентите да поразговараме за одредени проблеми, барања, но и да ги договориме следните активности. Веќе се започна со организација на првата студентска забава, ќе биде потпишан меморандум за соработка со Советот на млади на општина Велес, се подготвуваат трибини во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство со кои ќе бидат опфатени студенти од Велес, Кичево и Битола. По повод 17-ти ноември, светскиот ден на студентите ќе биде организиран III Студентски турнир во пинг-понг во соработка со Студентски парламент при Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола и Советот на млади на општина Велес. Во текот на семестарот продолжуваме и со активностите на меѓународен план.
Ги спомнавте активностите на меѓународен план. Што е следно?
Студентскиот Парламент од 2012 година е учесник на спортско – научните натпревари Технологијада. Контактите кои ги остваривме на овие натпревари ги дадоа своите резултати. Во ноември 2014 година беше потпишан меморандум за соработка со Студентските организации од Белград и Нови Сад, младинската иницијатива од Р. Србија „Сакам – можам“. Во ноември 2015 година по втор пат сме дел од Меѓународниот конгрес за студенти по технологија во Нови Сад, а за прв пат добивме покана за спортски натпревари – ЕУРОИЈАДА 2015 на кој учествуваат студенти од голем број држави (Италија, Србија, Германија, Словенија, Македонија, Романија, Бугарија..). Се размислува и за изработка на партнерски проекти со нашите соработници.
Дали студентите покажуваат интерес кон спортот?
За студентите се организирани бесплатни термини во спортската сала во Велес кои се максимално искористени. Во 2014 и 2015 година нашата фудбалската екипа го освои првото место на Универзитетската лига во футсал. Тоа е успех со кој што сите се гордееме. Во ноември ќе се одржи III Студентски турнир во пинг понг.
Во портфолиото на Вашата организација се забележани голем број успешни активности: обуки, спортски натпревари, соработки. Дали е тешко да се биде прв човек на организацијата, која е формулата за успех?
Кога се подготвува некоја активност може да се појават одредени потешкотии, но тоа за нас претставува дополнителен предизвик, да се вложи повеќе енергија и повторно да се успее. Ми претставува задоволство што сум дел од студентското движење, како прв човек на организацијата можам да истакнам дека успесите не се резултат на една личност. Формула за секој успех се доброто менаџирање, тимскиот дух, креативноста и амбициозноста која е карактеристика на нашите студенти. Студентите се авангардата на едно општество. Енергијата и креативноста на младиот човек се движечка сила за едно општество.
Што би им порачале на младите, на студентите?
Ќе се повикам на изреката на Сократ „ Сега знам дека ништо не знам “. Учењето е доживотен процес. Континуирано да вложуваат во своето образование, во своите вештини. На тој начин вложуваме во нашата иднина, во иднината на нашата држава.
Благодарност до markukule.mk, Ви посакувам успешна работа и продолжете да не информирате за успесите на младите луѓе од нашиот град.