Ракометниот клуб Прилеп во сабота со почеток од 18часот, во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, го игра третиот натпревар од новата сезона во Супер лигата.
Во Прилеп гостуваат охриѓани, екипа која забележа две победи на стартот од сезоната и моментално е лидер на табелата. Дуелот помеѓу Прилеп и Охрид секогаш носел голема борба на теренот, а така се очекува да биде и во сабота, па токму затоа клубот ги повикува сите вљубеници во ракометот, посебно навивачите, да ги поддржат своите миленици и да ја исполнат трибината.
Прилепчани во првите два натпревари забележаа едно реми и еден триумф, а за дуелот со Охрид најавуваат жестока борба и освојување на нови бодови.
Ова ќе биде прв сериозен испит за избраниците на Божидар Мојсов, каде најдобро ќе се види колку и подготвена екипата и дали може да се очекува подобар пласман од минатата сезона.
Тренер на РК Охрид е македонската ракометна икона, Стевче Алушовски.