Рускиот митрополит Антониј утре доаѓа во Македонија

Рускиот митрополит Антониј, директор на Одделот за меѓународни односи на Руската православна црква и викар на патријархот Кирил, утре ќе ја посети МПЦ-ОА. Како што објавија некои македонски и бугарски медиуми, миторполитот Антониј ќе има средба со поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан.

Посетата на рускиот владика на Скопје за Сител ја потврдил митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј.

Од кабинетот на архиепископот Стефан досега нема официјална информација за доаѓањето на митрополитот Антониј. Нема најава и на сајтот на РПЦ, ниту, пак, за тоа што е целта на посетата, која се случува во време кога МПЦ-ОА го очекува томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност.

Бугарски „Фактор.бг“, повикувајќи се на црковни извори, посочува дека митрополитот Антониј доаѓа во Скопје да ги убедува македонските владици да не преговараат со Вселенската патријаршија и да бидат на линија со РПЦ.

Бугарските меидуми потсетуваат и дека митороплитот Антониј во декември минатата година во Софија имал „тајна“ средба со бугарскиот патријарх Неофит по која, како што посочуваат, Синдот на БПЦ одлучи да го признае томосот на СПЦ за автокефалноста на МПЦ-ОА.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.