Русија ги објави условите за крај на војната: Украинците не прифаќаат

Само капитулацијата на Киев ќе стави крај на руската офанзива во Украина, соопшти денеска Москва, откако викендов се одржа состанок во Саудиска Арабија, кој не донесе напредок за завршување на војната во Украина.

„Убедени сме дека навистина глобално, трајно и праведно решение е можно само доколку режимот во Киев престане со непријателствата и терористичките напади“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Треба да се препознаат новите територијални реалности, да се обезбеди демилитаризација и денацификација на Украина“, додаде таа.

Што бара Москва?
Захарова нагласи дека Москва бара потврда за „оригиналните основи на суверенитетот на Украина: нејзиниот неутрален, неврзан и ненуклеарен статус“. Тие барања, кои Москва веќе ги објави кога ја започна својата офанзива во февруари 2022 година, Киев ги отфрли.

Захарова го изјави ова откако викендов во Саудиска Арабија се одржаа разговори на околу четириесет делегации, во кои беа вклучени делегации од западните земји и брзорастечките економии блиски до Москва, вклучувајќи ги Кина и Индија, но не и Русија.

Долгите разговори меѓу делегациите не доведоа до напредок во конфликтот, а немаше ниту конечна изјава.

Иако Захарова во понеделникот рече дека Москва „високо го цени посредувањето на нивните пријатели од земјите на југот, таа истакна дека „мирното решение е невозможно“ врз основа на мировната формула предложена од украинскиот претседател Володимир Зеленски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.