Две претстави на национални театри избрани во официјалната програма на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе бидат изведени вечерва на четвртиот ден на фестивалот. Во 10 часот е закажана првата претстава која се роди како резултат на „Едукативните работилници“, што фестивалот ги воведе од оваа година, а ќе се претстават учениците од ОУ „Климент Охридски“, предводени од наставничката Јулијана Талеска.
Еден час подоцна ќе следува промоција на „Еуродрам“.
Претставата на Театарот за деца и младинци „Роња, ќерката на ограбувачот“ во режија на Јакуб Максимов, ќе се изведе во 19 часот во театарот „Војдан Чернодрински“. Улогите ги толкуваат: Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.
-Независно што целна група е детската публика, претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ е комплексна претстава во која радоста на актерската игра и нивната моќ за креација во симбиозата човек – кукла е повеќе од очигледна. Претставата во суштина ја покажува креативната сила на трансформацијата на актерската игра, притоа имајќи го предвид и односот кон публиката (можноста да се разбере моралната вертикала од најмали нозе) и односот меѓу актерите (можноста да се ужива во презентирањето на градењето на приказната меѓу куклата и актерот) – вели во образложението, уметничкиот директор Ана Стојаноска.
„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, ќе биде изведена во 21 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“.
-Иако станува збор за претстава работена според франшиза, режисерката Зоја Бузалковска заедно со ансамблот на Драмскиот театар – Скопје, создава претстава која по многу нешта отскокнува од актуелниот репертоар на театарот. Пркосот на креацијата во оваа претстава произлегува од начинот на кој се справува и режисерката и актерите со наметнатите правила, а истовремено отвора простор за слободна креација. Актерите во претставата играат мошне инвентивно и истовремено го покажуваат уживањето во играта. Сметам дека ова е актерска претстава во која ансамблот покажува како е да се игра во насока на креирање на играта на главниот актер – стои во експликацијата на Стојаноска.
Улогите ги толкуваат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Вчерашниот ден помина во духот на независната програма на фестивалот. Беа изведени три претстави низ цел град, а публиката одлично реагираше на претставите „Под.готвено“, „Заминувања“ и „Скопјани“, а гостуваа и студенти на ФДУ со дипломска претстава. Цел град беше театар во вистинска смисла на зборот.
Со екипата на претставата „Мистерија Буфо“ на прилепскиот театар се одржа тркалезна маса, на која се разговараше за предизвиците на оваа претстава.
-На читачките проби ја гледавме само комедијата во претставата, без разлика дали ни се допаѓаше или не, но како што влегувавме во процесот на работа комедијата беше да се даде ѕид со насмевка за да се прикрие болката. Во сите сцени е вклучена религијата, рече актерот Илија Волчески.
За актерката Марија Спиркоска Илијески, ова е ретка претстава на која оделе со кеф на пробите.
-Не си одевме дома, и велевме ај пак да пробаме, за Диме да рече „напамет ја научивме“. И тоа, на наше инсистирање. Таа е радост на играта, и се смеевме и плачевме, побуди емоции кај публиката која ги искажа во коментари по претставата – рече Спиркоска-Илијески.
Во самиот почеток на процесот на работа со режисерот се договоривме дека ќе имаме целосна слобода во работата и да изберам со кои теми ќе се занимаваме. Ми даде одврзани раце и ми рече „мене да ми биде интересно“ и така одев. Направивме цела студија со генијален хумор… Најдов нишка и направив осум лика, а актерите ме разбраа и дадоа свој начин на интерпретација, објасни драматургот Лидиија Митоска – Ѓорѓиевска.
-Првата музика се постави за сцената со бебињата, а потоа и за другите. Сите инструменти се собрани, стари, особено рускиот инструмент на кого му се скина жица пред претставата. Но успев да го оспособам инструментот, рече Томе Темелкоски кој се погрижи за музиката во претставата.