Родители на деца од Шкупи влетаа на терен и тепаа деца од Брегалница во Штип – Две деца со тешки повреди примени во болница (ВИДЕО)

Тежок инцидент го одбележа денешниот натпревар на младинските екипи на Брегалница (Штип) и Шкупи (Скопје – Чаир), одигран во првото коло од Републичката пионерска лига за генерацијата 2010 година на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип.

Според информациите на локалните медиуми, инцидентот настанал во последната минута од мечот, по прекршок меѓу двајца млади фудбалери. Дел од гостинската публика, односно родители на играчите на Шкупи, влегле на теренот и физички нападнале двајца играчи на Брегалница. Еден од напаѓачите, како што се наведува, со клоци ги удирал младите фудбалери.

Неофицијално, 2 деца се тешко повредени – едното со скршена нога, а другото со повреди на главата, објави 24 инфо.

Тие се пренесени во Клиничката болница во Штип.

Откако децата биле нападнати, на теренот влета и дел од домашната публика, по што настанала масовна тепачка. Полицијата интервенирала веднаш и го привела главниот напаѓач, против кого ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Инцидентот се случи при резултат 2:1 во корист на Брегалница.

Домашната управа побарала Фудбалската федерација на Македонија да преземе строги мерки против ваквите влетувања на луѓе на теренот и да спречи повторување на слични ситуации, со цел младите спортисти да не бидат изложени на насилство и негативни примери, објави порталот Сакам да кажам.

Повеќе детали се очекуваат од Министерството за внатрешни работи во текот на денот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.