Фото/vardarfans.mk
Викендов се одигра редовно коло во македонската Супер лига. Во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, РК ПРИЛЕП играше против Вардар јуниор, млада екипа која е во долниот дел од плеј аут табелата.
Љубителите на ракометот во Прилеп потајно се надеваа дека токму на овој натпревар во дресот на РК Прилеп ќе се појават некои од поискусните играчи и ќе помогнат да се спаси клубот од испаѓање.
Но, за жал, ниту Бозароски, нити Ангеловски, ни Јанески и Шокоски, ниту пак тренерите Вељаноски и Димоски и за жал ниту некој од управата на клубот, кои своевремено бурно најавуваа дека ќе го “вратат” ракометот во градот под Марковите Кули, не се појавија на натпреварот.
Па така ги оставија на милост и немилост голобрадите момчиња волонтери од кадетскиот тим, кои го загубија мечот со убедливи 10 голови разлика, 25 – 35.
После овај епилог, РК Прилеп се закова на 5-то место од плеј аут лигата, или 11-то во македонската Супер лига кое води во бараж меч на неутрален терен со второпласираниот од Првата македонска лига, а во моментов се поизвесно е дека тоа ќе биде екипата на Јуниор Кисела вода од Скопје, кој покажува големи амбиции да игра во Супер лигата.
Тој меч ќе се одигра на почетокот во месец јуни. Му ја посакуваме цела среќа на кадетите на РК Прилеп и се надеваме дека нема да ги снајде судбината на ФК Победа, а Прилеп заедно во пакет да добие статус на второлигаши на своите два спортски бренда, фудбалот и ракометот.