РК Прилеп далеку од посакуваната игра и форма – Пораз од Еурофарм Пелистер 2 на стартот од турнирот “Миле Нешкоски” (ФОТО)

Со положување на цвеќе и оддавање на почит на прерано починатиот Миле Нешкоски, пред неговото спомен обележје кај Универзалната сала, во Прилеп започна деветтото издание на меморијалниот ракометен турнир, кој го носи името на прилепската ракометна легенда.

Делегации од РК Прилеп, општината, спортски работници и претставници од бизнис секторот, одадоа почит и се потсетија на Нешкоски чиј живот ненадејно згасна во 2011година.

Во наредните три дена љубителите на ракометот ќе уживаат во одлични натпревари, а за тоа веќе се погрижија екипите на РК Охрид – РК Куманово и РК Прилеп и Еурофарм Пелистер 2.

Охриѓани беа подобри во првиот натпревар, кој го добија убедливо со 32:21. Најдобар стрелец кај Охрид беше Гал Цирар со 5 голови, а за кумановчани, Чиао Винисиус стрелаше прецизно 10 пати.

Во вториот дуел домаќините од РК Прилеп играа против втората екипа на Еурофарм Пелистер, дуел кој им припадна на битолчани со 28:31.

Иако публиката очекуваше многу повеќе од своите ракометни миленици, сепак прилепчани турнирот го започнаа со пораз.

Можност за поправен избраниците на Божидар Мојсов ќе имаат утре, кога повторно во вечерниот термин од 20часот играат против ГРК Тиквеш.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.