Ристовски го слушна гласот на спортистите од Прилеп: Универзлна ќе се врати во функција до есен!

По долгогодишна иницијатива на спортистите, спортските клубови и општина Прилеп, за враќање во функција на Универзлната сала – или спортскиот храм на прилепчани, денеска конечно некој висок функционер ги зеде работите во свои раце.

Во посета на Прилеп беше министерот на новоформираното министерство за спорт, Борко Ристовски, кој веднаш го слушна гласот на спортските работници и вети враќање на салата до есен.

Универзалната сала не е во функција повеќе години, а веќе видливо е дека времето остава траги врз овој некогаш грандиозен спортски објект.

Ристовски со себе донесе стручни лица и архитекти, кои беа зачудени зошто за толку банална причина, салата зјае празна и не функционира.

Покрај во Универзална, министерот беше и во посета на спортската сала “Македонија”, уште една спортска величина која буди спомени кај прилепчани и каде допрва ќе се прави анализа и ќе се испитува договорот за концесија.

-Морам да кажам дека ја добив петицијата од сите спортски чинители во Прилеп за решавање на големиот проблем со салите и нивната функционалност и воедно се обврзавме како министерство да во најкус можен рок да ги решиме проблемите и да ја ставиме во функција салата “Тутунски”. Во однос на спортската сала Македонија, сакам да нагласам дека приватните концесионери кои управуваат со оваа сала ќе бидат под постојан и внимателен надзор. Нашата цел е да обезбедиме најдобри услови за спортистите и граѓаните кои ја користат оваа сала. Доколку концесионерите не ги исполнуваат своите обврски и не ја одржуваат салата според договорените стандарди, ќе преземеме соодветни мерки и договорите ќе бидат раскинати – напиша Ристовски на ФБ.

Инаку, Спортската сала „Македонија“ е во надлежност ЈП за стопанисување со спортски објекти, а додека Универзалната сала која УЈП му ја одзеде на Тутнскиот комбинат, е во надлежност на ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Интересно е тоа што спортската сала “Македонија” била изградена за само 9 месеци во 1978 година, додека пак Универзалната сала била завршена за рекорни 100 дена во 1973година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.