Денеска во просториите на поранешен Комитет во Куманово се одржа презентирање на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2025 година.
Беа презентирани мерки од Агенцијата за поддршка на претприемништво, како и активности и повици на Министерството за економија и труд.
Во рамките на презентацијата, заменик-министерот Марјан Ристески и претставници на Министерството за економија и труд, на Агенциите за вработување и за поддршка на претприемништво, како и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, ги претставија мерките и активностите во рамки на Оперативниот план пред бизнис секторот, занаетчиите, младите и сите останати заинтересирани.
Беше потенцирано дека Оперативниот план нуди поддршка за самовработување, отворање на нови работни места, обуки за актуелни занимања и занаети, дигитални вештини за сите категории на граѓани.
-Покрај трите јавни повици од мерката за самовработување (претприемништво), од денес објавен е и јавен повик за вршење на обуки, каде првиот повик е за Обука на работно место кај конкретен работодавач. Со обуката ќе се опфатат 245 невработени лица. Лицата што ќе посетуваат обука ќе добијат месечен надоместок во висина од 12.000 денари со вклучено осигурување за времетраењето на обуката до 3 месеци. На работодавачот ќе му биде исплатен еднократен износ од 25.000 денари по обучено лице по завршена обука. Работодавачот има обврска да вработи најмалку 50% од лицата вклучени во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци – истакна Ристески.