Ристески: По 7.000 евра за започнување сопствен бизнис, Оперативниот план на Владата тежи 40 милиони евра

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, одговараше на пратенички прашања за новиот Оперативен план за вработување на Владата, кој предвидува мерки и решенија кои ќе ја подобрат перспективата и можностите за вработување на младите.

На пратеничко прашање од пратеникот Никола Мицевски, за тоа колку лица се планира и се очекува да бидат вработени со овој план, што содржи планот на Владата и што може младите и невработените лица да очекуваат од овој план, Ристески одговори дека Оперативниот план за 2025 година тежи цели 2,5 милијарди денари, или 40 милиони евра.

-Ова е за 7,5 милиони евра повеќе од претходната година, пари наменети за вработување на младите луѓе во Република Македонија. Со оперативниот план вкупно ќе бидат опфатени рекордни 16.507 лица. Со овој оперативен план, посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години. Прво, во рамките на мерката 1, поддршка за самовработување, претприемништво, вкупно се предвидени 1.730 лица, од кои 720 млади лица.

Ристески додаде дека со планот Владата предвидува финансиска помош и за поддршка за самовработување. Оваа мерка се однесува на невработени лица со минимум основно образование, кои ќе можат да започнат сопствен бизнис. Тука висината на финансиската поддршка изнесува 7.000 евра неповратни средства, што е за 1.000 евра повеќе споредено со претходните години.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.