Ристески од Семакедонската илинденска средба во Трново: “Илинден е повеќе од датум за Македонија, тоа е вистината за нас”

Во потпелистерското село Трново, традиционално по повод Илинден, се одржа 54 Семакедонска средба. Настанот го организираа Матицата на
иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

На настанот покрај градоначалниците на Битола и Новаци, присутни беа и Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и заменик министерот за економија труд, Марјан Ристески.

Ристески упати честитка до нацијата, посакувајќи да ја негуваме и чуваме државата, да одиме напред и да ја развиваме:

-Овој голем празник го прославувам заедно со голем број на Македонци од сите страни на светот кои денес дојдоа во прекрасното Трново да ја одбележат 54-та Семакедонска Илинденска средба Трново 2025.

За големината и важноста на оваа прекрасна манифестација говори самиот факт што тука, на ова прекрасно место во дворот на македонската црква “Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново, се собираме по 54-ти пат, македонци од сите краишта, од разни држави и континенти, со една заедничка работа која не поврзува, а тоа е нашата татковина Македонија.

И покрај овие турбулентни времиња, кога некои лица и држави упорно работат на наше тиштење и крадење на она што е наше, ваквите манифестации и заедничкото чествување на овие прекрасни празнични денови се само уште еден знак дека македонците како народ со своја историја, култура и традиции, не имало, не има и ќе не има!

Илинден за Македонија е повеќе од датум, тоа е вистината за нас, за нашата култура, историја, традиции, тоа е нашата приказна за борба, непокор и опстанување, за обединување на сите народи за подобро утре.

Наш аманет е да го продолжиме патот на Илинденците, да ја чуваме и негуваме Македонија, да одиме напред, да ја развиваме, таа да биде светлата точка и огниште на сите нас без разлика каде во светот живееме – порача Ристески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.