Министерството за економија и труд денеска во Прилеп го одржа првиот информативен ден, на кој беа презентирани мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025год., како и останатите мерки предвидени со Програмата за работа на министерството.
Во собраниската сала на Советот на општина Прилеп, заменик министерот Марјан Ристески, заедно со заменик директорот на Агенцијата за вработување и директорката на Агенцијата за претприемништво, пред голем број, пред се млади луѓе, претставници од бизнис секторот, невладини организации и граѓани, ги презентираа мерките и новитетите кои ги предвидува досега овој рекорден Оперативен план.
-Оперативниот план е рекорден, изнесува околу 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што значи за 7,5 милиони евра повеќе од претходните години. Со овој план ќе бидат опфатени 16 500 лица, од кои што најголем број ќе бидат млади луѓе, бидејќи целта на Оперативниот план е да се даде шанса на младите луѓе и да се намали одливот на млад работен кадар од Република Македонија. Да напоменам и тоа дека дека овој Оперативен план има предвидено и голем број на марки и подмерки, има и новитети во Оперативниот план, а една од најатрактивните е секако самовработувањето, каде треба да нагласам дека се зголемени средствата за цели 1.000 евра, односно од 6 на 7.000евра, а додека за младите луѓе ди 29 години, се зголемени од 6 на 10.000евра, истакна Ристески.
Заменик министерот зборуваше и за новитетите кои ги содржи овој Оперативен план на Владата.
-Новитет во овој план е и тоа што можат да се здружуваат во ДОО и две млади лица до 29 години, кои што можат да користат до 20.000 евра, или над 29 години до 14.000 евра. Исто така има предвидено и голем број на обуки, со кои ќе се зголемат перформансите на младите и невработените лица, да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. Тука се обуките за ИТ вештини, за претприемништво, за водење бизнис, за странски јазици. Со оглед на проблемите со пожарите во Македонија во летниот период, предвидена е и мерка за ангажирање на 400 лица за извршување јавни работи за целиот летен период, со минимална плата од 24.000 денари, додаде Ристески.
Во однос на динамиката на спроведување на планот, Ристески посочи дека веќе од наредната недела ќе има оглас и ќе се започне со отпочнување на мерка по мерка, за што ќе биде известена јавноста.
-Јас во оваа прилика сакам да ги повикам сите категории невработени лица, особено младите, да ги следат огласите на веб страната на АВРМ и на Министерството за економија и труд и навремено да аплицираат, истакна заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.