Владата нема да прифати, како што беше пракса во минатото, решенија предложени од АД ХОК за зголемување на минималната плата кои одат во корист на една страна, а на штета на друга.
Ова го истакна заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на вчерашниот брифинг со новинарите во Прилеп, нагласувајќи дека нема да се дозволат политички притисоци и уцени преку одредени синдикални структури.
Тој посочи дека токму поради вакви избрзани одлуки во минатото, донесени без реална основа и без консултација со Министерството за финансии, биле склучени договори кои не биле ниту правични ниту одржливи.
„Денес во јавниот сектор со различни колективни договори, правилници, други одлуки, во различни институции имаме неправда према голем број на вработени. Исти вработени, на исти позиции во различни институции да земаат различна плата и тоа мислам дека е направена една голема неправда за одреден дел од вработените во одредени институции. Исто така да напоменам дека имаа период од една година да седнат со работодавачите да се договорат, имаа период од една година да го прифатат она што како колективен договор е понудено од страна на Владата со тој репрезентативен синдикат за системско зголемување на платите во јавната администрација. Од која причина тоа не го прави ССМ и УПОЗ тие најдобро го знаат“, рече Ристески.
Тој истакна дека интенцијата на Владата е платите во Македонија да растат, но врз основа на реални параметри.
“Се она што е понудено на маса е врз база на тие реални параметри каде што очекуваме во наредните 2 години и 3 месеци да имаме 40% зголемување на платите во јавната администрација, меѓутоа и во приватниот сектор, без притоа да направиме несакани политички интервенции и турбуленции во економијата во Македонија“, додаде Ристески.
























