Ристески: “Какво лицемерие! СДСМ оваа зона ја нарекуваше ливада, а тука денеска работат неколку илјади наши сограѓани, kaзната следува”

Вистинска чест е денеска да се стои овде пред индустриската зона Алинци кај Прилеп и да се побара поддршката од граѓаните. Кога овде пред 7-8 години се поставуваа камен темелници и се градеа нови фабрики, СДСМ и Миле Талевски тврдеа дека оваа индустриска зона ќе остане само обична ливада- истакна на денешната прес конференција, Петар Ристески, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и кандидат за пратеник.

Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:

“Денеска тука успешно работат и произведуваат три странски фабрики, каде својата егзистенција ја обезбедуваат неколку илјади наши сограѓани.

За разлика од Владата на Зоран Заев, која во изминатите 3 години не отвори ниту едно ново работно место во Прилеп, ВМРО-ДПМНЕ тоа што го ветуваше и го исполни.

Затоа денеска со чист образ излегуваме со нови проекти и мерки кои во целост се обврзуваме дека ќе ги реализираме.

Во програмата “Проект Обнова” на Македонија предвидуваме раст на македонската економија од 4-5% на годишно ниво и домашни и странски инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период од 4 години.

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на намалување на невработеноста под 10% и зголемување на платите на работниците за 25% во период од 4 години.

Економските тимови макотрпно работеа и покрај тоа што бевме во опозиција, па затоа ветуваме уште во првите 100 дена од формирањето на новата Влада, 3 големи мултинационални компании да ги објават своите инвестиции во Република Македонија.

Целата енергија на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде насочена кон зголемување на извозната конкурентност на македонските домашни компании.

За таа цел ќе обезбедиме целосна финансиска поддршка за ангажирање на домашни и странски експерти кои ќе работат со компаниите, ќе ги утврдат потенцијалите и ќе изработат инвестициски планови, што ќе им помогнат на компаниите за пласирање на нивните производи во странство.

Со оваа мерка ќе бидат опфатени над 150 компании само во првата година, а до 2024 година, бројката ќе се искачи на 1.000 домашни компании.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди и финансиска поддршка до 200.000 евра по компанија за инвестирање во нови технологии, купување лиценци, франшизи, воведување нови производни линии или подобрување на постојаните.

И со оваа мерка ќе бидат опфатени 150 компании годишно, а истите ќе имаат обврска да ја зголемат платата за 5% на своите вработени по завршувањето на инвестицискиот проект.

Во програмата “Обнова на Македонија” се обврзуваме исто така дека ќе финансираме до 20.000 евра од трошоците на домашните компании за нивни посети и настапи на светски саеми, средби со потенцијални трговски партнери, како и трошоци за маркетинг кампањи.

Почитувани,

Со власта во заминување на Зоран Заев и СДСМ не видовме буквално ништо од ветениот “нов живот”.

Во Прилеп не никна ниту една нова домашна или странска фабрика. Властите беа презафатени со криминални набавки, полнење на сопстените џебови и задоволување на апетитите на партиските послушници и роднини.

Казната за тоа следува на 15-ти јули кога граѓаните ќе направат разлика помеѓу новите лаги на Заев и програмата за Обнова на татковината на ВМРО-ДПМНЕ.
Довербата од вас граѓаните ја бараме со видливи дела и затоа сме сигурни во победата.

Ве повикувам да го заокружиме бројот 14 за ВМРО-ДПМНЕ и да помогнеме во што поголем број овие ветувања да станат реалност. Доаѓа ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.