Најголем дел од маркетите од минатата недела почнаа да ги намалуваат цените на производите согласно одлуката на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите, што треба да важи до 30 април годинава.
Истовремено инспектори на Државниот пазарен инспекторат започнаа контроли по маркетите дали се почитуваат одлуките на Владата за ограничување на маржите и за замрзнување на цените на прехранбените производи.
Во изјава на Македонската радио телевизија, заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, истакна дека до крајот на наделата ќе се знае првичниот епилог од инспекциските контроли на над 1000 продажни субјекти.
“Ќе бидат посетени преку 1000 продажни пунктови во трговијата на мало и големо, и секаде онаму каде што ќе се откријат неправилности, Пазарниот инспекторат има право по законот да изрекува казни. Казните се високи, во зависност од големината на субјектите кои што ги контролираат и изнесуваат до 10.000 евра. Така да, до крајот на неделата ќе имаме комплетна анализа од се она што е направено како инспекција и онаму каде што ќе бидат утврдени неправилности, а се надевам дека нема да ги има, затоа што сето е во интерес на граѓаните и заштита на животниот стандар, меѓутоа доколку има, ќе бидат изречени и првите казни”, истакна Ристески.