Ристески дел од сите спортски случувања: Во прекрасна организација и со многу дружба помина 11-то издание на “Крушево низ корија” (ФОТО)

Денеска во Крушево заврши единаесеттото издание на спортско-авантуристичката манифестација „Крушево низ корија“, која повторно ги оправда очекувањата и донесе вистинска авантура за сите љубители на природата, спортот и добрата дружба.

На Мечкин Камен се постави уникатен камп со богата програма – од тандем летови со параглајдер, планинарска тура низ крушевската корија, дегустација на традиционални крушевски специјалитети до големата журка со DJ OLDSCHOOL SELECTOR и групата „Романса“, кои создадоа прекрасна атмосфера.

Велосипедските тури оваа година собраа голем број учесници, кои со многу енергија и ентузијазам ги совладаа трите патеки – мала, средна и голема, прилагодени за различни нивоа на физичка подготвеност.

Планинарската тура низ живописната корија и посетата на манастирите „Св. Василиј“ и „Св. Спас“ беше вистинско уживање за сите генерации.

Тандем летовите со параглајдер уште еднаш ја потврдија причината зошто Крушево е светски препознаена дестинација за авантуризам.

Организацијата, предводена од Форумот за Авангардна Креативност (ФАК) од Прилеп во соработка со Општина Крушево, доби бројни пофалби од учесниците и посетителите. Секој сегмент беше реализиран на високо ниво, а целиот викенд во Крушево помина во духот на спортот, дружењето и промоцијата на природните убавини.

Традиционално, дел од речиси сите авантуристички и спортски случувања во регионот, е и актуелниот заменик министер за економија, Марјан Ристески, кој ја поздрави организацијата на настанот и уживаше заедно со учесниците во раскошната природа на Крушево.

„Крушево низ корија“ уште еднаш докажа дека е манифестација која расте од година во година, обединувајќи љубители на авантурата од цела Македонија и пошироко.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.