Ретроспектива за 23 октомври 1893г. и поважните настани поврзани со организацијата

12180114_10206710840441118_922376361_n

На овој голем ден за нас Македонците, во чест на сите оние кои ја натопиле оваа земја со својата крв, за слобода, своја и за идните поколенија, денес се сеќаваме на сите херои и ги величиме нивните имиња. Овој свет датум е најзначајниот за сите нас, сите сме ВМРО. Од овој ден Македонецот почнал да ја исправа својата глава над острата душманска сабја и организирано да се спротивставува. Ова е денот кога напатениот, измачен и угнетен народ, започнал да ја реализира својата идеја, својата кауза.
Идејата за независна и самостојна држава била вкоренета од раѓање па се до смрт во секој поединец за време на владеењето на Османлиите во Македонија. Особено после Берлинскиот конгрес (13 јуни – 13 јули 1878г.), кога територијата на Македонија била повторно вратена во рацете на османлискиот окупатор. Кога другите држави добиле самостојност како Србија, Црна Гора, Романија, за Македонија како и денес друг одлучувал на маса, притоа немајќи ни малку совест за се она што се случувало тука.
Положбата на Македонците и пред тој конгрес не била во ништо подобра, но овој момент од историјата значел продолжување на агонијата, нови агресии, илјадници загубени животи. Со други зборови Македонскиот народ бил културно, духовно, политички, национално и просветно обесправен.

12073578_10206710840321115_562511028_n

Ваквата неподнослива состојба, како и пропангандите на соседните народи за асимилација, се причините за формирањето на Македонската револуционерна организација (МРО). На 23 октомври 1893 година во Солун, шестмина револуционерни интелектуалци : Дамјан Груев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров, со цел по пат на вооружена борба да се издвојува автономија за Македонија ја формираат организацијата и го започнуваат нејзиното ширење.

12170727_10206710840201112_422260343_n

Усвоен бил Устав на организацијата, Централен Комитет ( претседател д-р Христо Татарчев, секретар Дамјан Груев ), како и мрежа на организации низ поголемите центри на Македонија. Особено организацијата добила на тежина кога кон неа се приклучиле Гоце Делчев, Јане Сандански, Пере Тошев и други револуционери кои ја делеле истата цел.
Цели на организацијата биле следните: 1. Организацијата да е тајна и револуционерна, 2. Нејзината територија да ја сочинува само Македонија со нејзините природни и географски граници, 3. Во неа да членуваат родени и лица што живеаат во Македонија без разлика на вера и народност, 4. Политичкото верују на организираните Македонци е автономна Македонија и 5. Да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави.

12181850_10206710840481119_1313402889_n

Започнала да се реализира паролата “Слобода или смрт за Македонија”. Сите надежи и сите погледи понатаму се вперени кон организацијата и нејзиното дејствување.
Конечно народот Македонски имал свој заштитник, луѓе кои ќе ја спроведуваат правдата на дело и ќе ги шират идеалите за слобода и самостојност.
Следувале Ресенското советување во летото 1894г. кога се формирани трите окрузи Скопски, Солунски и Битолски, па првиот Солунски конгрес во јануари 1896г. кога организацијата била преименувана во (ТМОРО) или Тајна македонско-одринска револуционерна организација . По овој конгрес забрзано се обучувале и вооружувале чети. Со вооружените сили раководел Гоце Делчев кој го формирал и Четничкиот институт.
На Солунскиот конгрес во 1903 година, во отсуство на Делчев, влијателните луѓе на организацијата Груев и Сандански го наметнале своето мислење за кревање на Илинденското востание на втори август 1903 година.
Токму после овој настан на површина испливале внатрешните превирања, надворешните влијанија, предавствата и меѓусебните пресметки, како и борбата за превласт. Тоа ја ослабнало организацијата до ниво што голем дел од лидерите биле убиени, а мекедонското ткиво било разединето.
На Рилскиот конгрес во 1905г. организацијата одново претрпува промени, името било заменето со (ВМОРО) или Внатрешна македонска одринска револуционерна организација. Со вакво име организацијата постоела до 1908 и почетокот на Младотурската револуција кога и дошло до конечен расцеп и нејзин престанок.
Не смеат а да не се споменат значајните битки кој ги водела организацијата со Турците, би ги издвоиле битките кај: Могила, Готен, Трсје, Слива, Ножот, Маргара, Баница, Мечкин Камен, Арменско и мн. други.
Како пандан на претходната организација, кон крајот на 1919 година е формирана и (ВМРО) – Внатрешната македонска револуционерна организација, со Централен комитет (Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев). И во овој период мисијата била иста автономија или независна Македонија, односно создавање на самостојна држава за Македонците.
Потсетувајќи се на овие денови од Македонската историја во секој еден од нас треба да се развива чувство на гордост, чувство на херојство. Да вградиме такво чувство и кај идните генерации, за да ја пренесуваат вистината за македонското страдање, но и за македонското бунтовничко спротивставување против угнетувачите тогаш и сега.

12177619_10206710840561121_1995845481_o

ЧЕСТИТ ПРАЗНИК НА СИТЕ МАКЕДОНЦИ !




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.