Кал Пател, кој работи во мала продавница на неговите родители во Салина, Канзас, пронашол ливче за лотарија со добитна комбинација кое купувач случајно го заборавил на касата, а не знаел дека истото е добитно.
Пател без двоумење тргнал по среќниот добитник и му го вратил ливчето.
-Добрите дела се враќаат да ви помогнат, додека лошите дела се враќаат да ве опседнат. Чувството да го најдам ливчето, а потоа и среќниот добитник беше прекрасно, изјавил Пател кој воопшто не се кае поради својата постапка.
Добитникот купил три ливчиња во продавница во Линколн, но потоа отишол во продавницата на родителите на Пател да провери дали некое од нив е добитно. Тој ги проверил двете ливчиња, додека третото случајно го оставил на пултот и заминал.
Кога Кал Пател ги погледнал броевите на заборавеното ливче, тој не можел да поверува дека токму таа комбинација носела еден милион долари. Пател го познавал купувачот од претходно и знаел во кој дел од градот живее, па седнал во автомобилот и тргнал по него.
По долга потрага, го пронашол среќниот добитник во автомобил заедно со неговиот брат, и го запрел.
-Му го покажав ливчето и им кажав дека се победници. Тие почнаа да се тресат – не можеа да поверуваат, вели Кал.
Пријателите на Пател го критикувале што се откажал од еден милион долари, но тој вели дека не сака да живее со чувство на вина поради задржаните пари.
-Пофалбите кои ги добивам за стореното дело се навистина прекрасни. Луѓето велат дека им ја вратив довербата во човештвото, изјавил тој.
Медиумите наведуваат дека една правна компанија од Вичита му подарила чек од 1200 долари на Кал – како награда за доброто дело.