Заминуваме, оставаме и забораваме. Поминуваме, гледаме и не забележуваме. Пред очите пропаѓаат неповторливи вредности, сведоци на времето минато, споменици изработени со мајсторство, со знаење и естетика.
Тоа е впечатокот при средбата со селската чешма во селото Дуње, Мариово, познато од песната ,,По пат одам, за пат прашам,, селото на легендарната Чучук Митра и едно од поголемите села во најголемиот и најненаселениот предел во Македонија.
Дуње се наоѓа во слична состојба како повеќето села во таа живописната област, преполна со културни и природни вредности, оставена настрана од амбициозните економски стратегии.
Чешмата е редок споменик, кој не смее да се остави на заборавот и ништавилото, зашто е дел од нашето живеење, спомените и народното творештво, со особен акцент за естетика.
Уште е во извесна кондиција, иако без вода Конструкцијата му пркоси на времето, со два ѕидани столба напред, со сводестата форма и со големиот број белези на нејзиниот челен профил.
Тоа ретко се среќава на друго место. Според постарите жители на селото, била покриена со покрив од камени плочи. На профилот и денес се зачувани главната сводеста ниша, а во неа уште две помали ниши, една сводеста од левата страна, друга квадратна од десната страна.
Големата ниша била изградена од два поголеми мермерни столба во основата, а сводот е комбинирано оформен со мермерни профили и друг вид камен.
Три интересни украси во форма на розети со по 6 ливчиња (краци), по една на страничните столбови и една на самиот врв на сводот и денес се декорација што стои на своето место.
Сете мермерна основа е релативно добро изработена. Вредноста на чешмата-споменик, уште повеќе, ја зголемува украсувањето во боја, кое веднаш не се забележува, но ако се погледни со внимание, се открива голем број интересни детали со црвена боја, како и цели украсени полиња.
Всушност, целиот фронт на чешмата бил украсен со флорални мотиви во боја и и давал вистинска слика на Шарена Чешма, каква што ретко се гледа на друго место.
Токму поради ваквиот изглед и орнаментиката, како и архитектонската форма и физиономија, овој споменик од минатото не треба да се остави во жална состојба во каква што е денес.
Напротив, чешмата го заслужува целото внимание да биде зачувана како документ и споменик на еден период од татнежот на историјата, споменик за поттик за идното живеење.
Шарената чешма во Дуње заасега само е ставена во регистарот на споменици на културно, истражувачко-документацискиот центар Калеш Анѓа.
Тоа е доволно да се зачува барем во електронска фото форма, како документација за проектот за реконструкција, на кој уште не се работи.
Извор: “Зенит”