Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа на денешната средба со претставници на Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари повторно ги разгледаа можностите за излегување во пресрет на барањата на производителите на тутун.
Министерот Хоџа истакна дека е потребно зајакнување на динамиката на откупот на тутунот, со цел да се заврши откупот на реколтата во законскиот рок.
-Истовремено беше изразена волја Владата да вложи максимални напори за достигнување на просечната цена на тутунот во висина од 180 денари и ќе преземе мерки тоа и реално да се оствари, наведуваат во владиното соопштение.
Според министерот Хоџа, во оваа фаза е потребно да се интензивираат комуникациите и напорите, откупувачите на тутун да останат на ветеното за исполнување на обврската за откупување на вишокот на тутун и да продолжи динамиката на откупот со подеднакви количини од сите категории на тутун.
Според Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари, нема да има веќе протести, тутунарите ќе го предаваат родот иако не се задоволни од проценката. Досега, за два месеца, се откупени пет милиони килограми од вкупно планираните 25 милиони. Просечната цена е околу 150 денари, а не 166,8 денари.
-Не прими министерот, премиерот наводно бил зафатен или отсутен. Разговаравме. Нема решение за проблемот. За она што го баравме, 100 денари субвенција за секоја класа, по 30 денари во просек, министерот дефинитивно кажа дека државата нема средства и покрај сите наши напори да го преубедиме дека има, зашто вчера беа исплатени 33 милиони за „Макпетрол“, а пред тоа и за секакви други непотребни работи. Значи, само за тутунарите нема средства. Едноставно, ни беше речено дека оваа реколта ќе оди курбан. Наше, како Иницијативен одбор, беше да го дигнеме проблемот на највисоко ниво и во тоа успеавме, но, ниту имаме механизам, ниту можеме да го решиме. Едноставно, државата не сака да го реши проблемот, рече Мирчески според кој, по секоја средба откупот на терен е полош.