Грмежи и татнежи низ прилепските улици. Гореше земјата од силни херојски чекори. За татковината се работи, а кога се работи за неа, прилепчани се секогаш на браникот на одбрана.
Трета недела во 18 часот Прилеп се буди, илјадници граѓани на градот херој се на нозе и маршираат со една идеја, со една цел, за заедничка и унитарна Македонија.
Зад средношколците, кои вечерва со паролата “Ни педа не ви даваме, нашето си го бараме”, докажаа дека нивната иднина е во Македонија.
Граѓаните не отстапуваат од она што е нивно, од земјата за која се бореле стотици и стотици борци од градот херој.
Прекрасна беше и вечерашната глетка, толку многу луѓе да се видат еден до друг, под превезот на црвено-жолтата боја.
“Македонија е се’ што имаме, резервна татковина немаме”, порачаа и вечерва прилепчани, а силни пораки упатија одново професорите по македонски јазик, историчарите и претставниците од патриотските здруженија.
Пред граѓаните се обрати професорката по мајчин јазик Наташа Кулеска и претставникот од Македонското патриотско здружение “Андон Ќосето – Прилеп”, Гоце Бумбароски.
Протестите за “Заедничка Македонија” во Прилеп продолжуваат и утре, во исто време, 18 часот, пред споменикот “Прилепски бранители”.
A.Г.