Раскошна убавина! За Цветници, цветно во прилепската гордост – храмот Св. Петка (Фото галерија)

ЗА ЦВЕТНИЦИ ПОВЕЛЕТЕ ВО НАШИОТ ЦВЕТЕН ХРАМ – повикуваат од црковниот храм Св. Петка во населбата “Toчила” во Прилеп

Во она време радосното „Осана на Синот Давидов! Благословен е Оној Кој доаќа во името Господово“ се слушало надалеку од Ерусалим! „Осана“ се кревало високо до ведрото небо! Ликувал и славел еврејскиот народ! Била Цветна недла. Некакво свето воодушевување ги обзело народните маси … Славењето било величествено. Но тоа одговарало на величието на Оној за кого било приредено. Од Ерусалим и од неговата околина голем број луѓе, свечено облечени и накитени, биле излезени пред портите на Ерусалим и надвор од него, за да го пречекаат Месијата. Оној што претходниот ден го воскреснал четиридневниот Лазар и направил уште многу чуда! Секој се трудел видливо да ја изрази својата почит кон Големиот Учител: едни ги симнувале алиштата од себе и со нив го постилале патот каде што Он поминувал; други, пак, сечеле гранки од дрвјата и ги фрлале по патот или мафтале над своите глави во знак на посебна радост проследено со стихијниот татнеж од радосните восклици. Се било насмеано, се било весело, восхитено. Тоа бил највозвишен миг на радосно ликување на еврејскиот народ!

Црквата оваа недела ќе го прославува тоа Христово влегување во Ерусалим. Тој голем настан и сега во нашите души предизвикува радосни чувства. Во недела и ние ќе се собереме во нашиот храм да му се изнарадуваме на влегувањето Христово во светиот Ерусалим. Во недела Христос ќе влезе низ Златните порти, онака како што светите пророци, неколку столетија пред тоа, пророкувале во своите пророчки книги од Стариот завет. Ќе влезе како најсмирен и најпокорен слуга на луѓето.

Оваа недела во илјадници храмови ширум светот ќе се празнува тој настан. Милиони православни ќе празнуваат во храмовите, пак и пак обновувајќи го споменот на палмовите гранчиња, кои ќе ги замениме со врбови, бидејќи тие најрано се будат од зимскиот сон. Истовремено тие се симбол и на Лазаревото воскресение и на победатa на животот над смртта. Сето тоа е полезно и спасоносно, оти помага за јакнење на верата, за ублажување и облагородување на срцата и за возвишување на човечкиот дух.

Но … Христос, при влегувањето во Ерусалим, плачел и тагувал. Зошто Исус, Кого толку свечено го чекале, бил натажен? Во Неговите јасни и секогаш смирени очи дури се гледале солзи. Во таква свечена и радосна минута наеднаш … солзи! Според вообичаената човечка проценка, тоа е просто незамисливо. Но Господ, подобро отколку самите луѓе, ја знаел променливоста на човечкото срце. Пред Неговото божествено сезнаење се отсликувала друга страшна слика што по неколку дена требало да се открие на Голгота.

В недела, браќа и сестри, Христос ќе зачекори по патот не само на Неговите страданија туку и по патот на страшната осаменост која ќе Го следи за време на сите денови на Страсната Седмица.

Осаменоста започнува со недоразбирање; луѓето очекуваат дека Господовото влегување во Ерусалим ќе биде триумфална процесија на политички лидер, кој ќе го ослободи својот народ од окупацијата, од ропството.

Осаменоста ќе се развие уште повеќе и заради неразбирањето од страна на Неговите ученици. За време на Тајната Вечера кога Спасителот им говори за последен пат, а тие ќе се посомневаат во Неговите зборови. И подоцна кога Тој ќе оди во Гетсиманската градина непосредно пред страшната смрт која Го очекува, Неговите најблиски ученици, Петар, Јован и Јаков кои Тој ги одбира да одат со Него, заспиваат, разочарани, уморни и безнадежни. Кулминацијата на Неговата осаменост е Христовиот повик на крстот: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме напушти?“
Отфрлен од луѓето, одбиен од народот на Израел, Тој се соочува со крајна напуштеност и умира без луѓето, Сам, само со Својата љубов кон Бога и Својата љубов кон човештвото, умирајќи заради нас и заради Божјата слава.
Почетокот на Христовите страдања е овонеделната триумфална поворка.

Во текот на наредната седмица ние нема само да се присетуваме туку и ќе бидеме лично присутни на Христовите Страданија. Ќе бидеме дел од масата народ која Го опкружуваше Христос и Неговите ученици и Мајката Божја.

И како што пред нашите очи, една по една ќе поминуваат сликите од Страсната Седмица, секој еден од нас да се запраша: Каде јас стојам, кој сум јас во оваа толпа? Фарисеј? Писар? Предавник или кукавица? Кој? Дали сум во оние што во недела ќе извикуваат „Осана на Синот Давидов“ или од оние кои неколку дена подоцна ќе извикуваат „Распни Го, распни“?

Да се замислиме за ова, и ако не сме способни да сториме ништо, барем да разбереме кои сме и каде стоиме, па во последниот час да се завртиме кон Него со плач, со молба како онаа на разбојникот: „Сети се на мене Господи во Твоето Царство“. Амин




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.