Радовиш доби реновирана сала, Прилеп уште го чека ветеното од министерот

Денеска во Радовиш во употреба беше пуштена реконструираната спортска сала „25 Мај“.

На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој изрази очекување голем број одбојкарски, кошаркарски, ракометни репрезентативци да произлезат од овој објект, затоа што Радовиш во минатото бил расадник на многу македонски спортски великани.

„Ние како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите проекти. Спортот ни е во фокусот. Како што кажа и министерот, без инфраструктура не можеме да бараме и резултати. Значи многу е важно да ја имаме онаа базична, основна инфраструктура, согласно приоритетите на Владата и потоа и да очекуваме и да бараме резултати од оние коишто ќе ја користат оваа инфраструктура“, изјави Мицкоски.

Тој им честита на министерот за спорт и на градоначалникот на Општина Радовиш, но и на сите оние коишто беа вклучени во реконструкцијата на овој објект.

И ако Радовиш го дови ветеното, Прилеп се’ уште чека на тоа. По долгогодишна иницијатива на спортистите, спортските клубови и општина Прилеп, за враќање во функција на Универзлната сала – или спортскиот храм на прилепчани, минатото лето конечно некој висок функционер го посети Прилеп и даде цврсто ветување дека работите ќе тргнат од мртва точка и дека прилепчани наскоро ќе се вратат на трибините и ќе ги бодрат своите спортски миленици.

Тогаш во посета на Прилеп беше министерот на новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, кој вети враќање во функција на овој спортски објект до есен, но есента помина, дојде и зима, а во Универзална се’ уште нема активности.

Универзалната сала не е во функција повеќе години, а веќе видливо е дека времето остава траги врз овој некогаш грандиозен спортски објект.

Ристовски со себе тогаш донесе стручни лица и архитекти, кои беа зачудени зошто за толку банална причина, салата зјае празна и не функционира.

Покрај во Универзална, министерот во јули месец беше и во посета на спортската сала “Македонија”, уште една спортска величина која буди спомени кај прилепчани. За овој спортски објект министерот рече дека допрва ќе се прави анализа и ќе се испитува договорот за концесија.

Интересно е тоа што спортската сала “Македонија” била изградена за само 9 месеци во 1978 година, додека пак Универзалната сала била завршена за рекорни 100 дена во 1973година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.