Aко некој мислеше дека да ракуваш со кран е лесно, седиш по цел ден и само се вртиш лево, десно, целосно се лажат. Ѓоргиче Георгиевски е краниста и во интервју за Маркукуле раскажува за предизвиците со кои се соочува додека управува со најважната машина на градилиштата. Моментално работи во Германија, а работел и кај нас, па раскажува и за разликите во однос на условите за работа. Во продолжение проследете го интервјуто и дознајте што значи да се управува со кран.
Колку време се занимаваш со работа на кран?
“Со работа на кран се занимавам веќе осум години, три години работев во Македонија, а сега веќе пет години сум во Германија”.
Што е потребно за управување со кран?
“За да се управува со кран потребно е да се има положен испит и добра пракса, односно обука. Јас лично бев осум месеци на обука, дури потоа започнав да работам самостојнo. За сите што мислат дека кранистот по цел ден седи и само се врти лево, десно, грешат. Кранистот е 10 часа на висина, нема физичка работа, но психичка 100%. За да си добар краниста треба да имаш само желба и сигурност во тоа што го работиш и да ја сакаш работата. Стануваш во 5:30 часот, се спремаш, тргаш на работа и влегуваш во кабината, цели 10 часа во воздух. Голема одговорност преку цел ден”.
Кои се предизвиците со кои се соочува еден кранист?
“Предизвици…. Па, кранистата ја има најголемата одговорност на објектот. Работи на голема висина, работи со луѓе кои се разбираат, но често и со такви кои не се разбираат од градежништво. Предизвик е и висината, моментално сум на 80 метри висина”.
На колку објекти досега имате работено и дали можете да издвоите некој кој бил најтежок предизвик за вас?
“Во Македонија сум работел на Кривичниот суд, на зградата од АЕК, спортската сала на МЗТ, а во Германија на Neckarsulum Аudi, Порше во Штутгарт, Инголштад Ауди, Минхен автобуска станица”.
Дали доволно е платена оваа професија кај нас?
“Во Македонија не е платено и затоа заминав во странство. Кај нас земав плата од 18.000-23.000 денари, а во Германија од 2.500-3.200 евра”.
Дали временските прилики можат да бидат проблем кога се ракува со кран (што доколку надвор дува ветер)?
“Да, и тоа како можат да бидат лоши за самиот краниста и околу него. Дозволената брзина на ветерот е 65км/ч. Најтешко ми било една ноќна смена. Надвор имаше невреме и ветер и до 80км/ч., носев бетонски ѕид и незнаев што да направам со него. Во моментот мислев дека ќе падне кранот”.
Отприлика, колку вреди еден просечен кран кој се користи за изградба во нашата држава?
“Најнов кран марка WOLFKRAN 2018 вреди 1,5 милиони евра. Работата во Македонија и Германија е многу поразлична. Крановите во Германија се претежно нови со сензори и компјутери, за разлика од Македонија”.