– Работниците прогласени за технолошки вишок кои се уште чекаат да им бидат исплатени отпремнините од прилепската компанија „Еурокомпозит“ денеска се собрaа на протест во центарот на Прилеп. Тие бараат одоговор за состојбите во фирмата и кога ќе им се исплатат отпремнините, зашто, речиси две години поминаа откако почнаа нивните преговори со Владата.
Според Пеце Велјаноски, од Иницијативниот одбор на прогласените работници за технолошки вишок, нема никакво навестување за решавање на пpoблемите иако се најавуваа инвеститори и продажба на наменската фабрика. Бараат и Антиkopyпциската комисија да преземе мерки по допрени сознанија.
-Еве се собравме пак и нема никакво навестување за придвижување за решавање на нашите пpoблеми. Се јавувавме преку прилепскиот градоначалник, закажувавме средби во Владата, но нема ништо. Не знаеме ниту дали се купува нашата фирма, „Еурокомпозит“, ниту дали има пари за отпремнините. Сакаме, одовде, по допрен глас, да се обратиме до Антикорупциската комисија. Прашањето е дали има договор за продажба. Имаме сознанија дека државни пари се префрлаат некаде, во Гана, околу 35 000 евра од фирмата. Две години не знаеме што да правиме, вели Велјаноски.
За Борко Томески од Иницијативниот одбор, пак, имало некаков договор за испорака на индустриски шлемови во Гана, но нема детали.
-Директорот на фирмата Златко Граороски најави дека има склучено договор за изработка на индустриски шлемови за Гана. А таму требало да се платат некои даноци за парите да легнат на сметката на „Еурокомпозит“ за да се исплати отпремнината за работниците прогласени технолошки вишок. Но, во ништо не веруваме зашто имаше премногу ветувања досега, вели Томески.
Работниците прогласени технолошки вишок велат дека и по точно две години од првата средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев, а досега имало 15-тина средби, ништо не се променило. Во ред е што се донесе Законот за технолошки вишок, но со тоа нивната состојба не е решена и мислат дека вистински се отпишани, сметаат работниците прогласени технолошки вишок од прилепски „Еурокомпозит“.
Технолошки вишок се прогласени 153 работници кои очекуваат отпремнини во просек, секој, од околу 100 000 денари. На работа во фабриката се 60-ина работници.