„Кој не садел тутун и не ја почувствувал горчината на „туткалот“ замешан во залакот сув леб, набрзина каснат помеѓу бербата на две „ракатки“ тутун, не знае што е мака. Времињата се сменија, но големата тутунарска мака си остана, оти не е соодветно вреднувана“. Вака ја започнува својата приказна, 60-годишниот прилепчанец Пецо Јандрески, кој целиот свој живот е тутунопроизводител. Крајно е разочаран од актуелното обезвреднување на трудот на македонскиот земјоделец, па со видна носталгија се присетува на старите добри времиња, кога од тутунопроизводството добро се живеело – објави “АЛФА ТВ”
„Порано, од тутун се правеле и куќи, и свадби, и мебел се купувало, се. Како дете, татко ми, на пример беше арабаџија и од тутун живеевме, осум деца. Опстанувавме. Имало и аванси давале, сега ништо…“, вели Пецо Јандрески.
Јандрески е корисник на инвалидска пензија од само 10.000 денари. Вели, мора да го работи тутунот, за да му помогне на синот од кого има и две мали внучиња. „Најмногу ми е жал што од оваа мака никој од семејството не може да биде поштеден, дури ни најмалите. Се’ му е подредено нему“, објаснува нашиот домаќин.
„Се’ запоставуваш, и деца, и куќа за тутунот. И на крајот кога ќе земеш – една плата што земаат директорите, тие министрите…цела година, кога ќе ги поделиш, за 500-600 евра на човек, а работиш – најмалку три месеци се бери, уште три да го прибереш, шест месеци. За шест месеци да земеш 3.000 – 5.000 евра, не е ништо кога ќе ги поделиш…“, – констатира Јандрески.
Ова семејство кое некогаш садело и по 14 декари тутун, сега површините ги намалило на само три декари, заради катастрофалните откупни цени, заради ненавременото исплаќање на субвенциите и на другите видови помош, заради тоа што животот на вересија им станал секојдневие, иако тутунот го обработуваат на традиционален начин, за да заштедат.
„Двеста денари „двојката“ не е исплатлива, треба најмалку да е 250, разликите помежи класиве треба да бидат поблиску, 30 денари разлика, а не по евро од класа..Ова е кататсрофално, ова не е издржливо, особено овие луѓе што работат со аргати…земаат кредити и кога ќе видиш на крајот, на нула и еден ден и тие ќе откажат….“, – објаснува Јандрески.
Овој вреден тутунопроизводител го оставивме во дворот од семејната куќа во прилепски Варош. Не’ испрати со надеж дека со парите од годинашнава реколта можеби и ќе успее барем малку да си го „подзакрпи“ домот.
Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”