Документ поврзан со Ковид-19, односно или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид (брз) тест до 48 часа пред пристигнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF формуларот се потребни за влез на македонските граѓани во Грција летово.
Нашата земја и понатаму е на листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а кон Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно од 6 до 22 часот по македонско време.
А, какви трошоци нè очекуваат таму? Првите туристи летово пренесуваат дека цените во Грција се малку поскапи од она што бевме навикнати минатите години.
Па, така, цената на кафе се движи од 2,5 до 3 евра, во зависност од местото и објектот. Безалкохолните пијалоци чинат од 2 до 3 евра, а свежо цедените сокови се 4 евра.
Просечната цена на пивото е од 3 до 5 евра, додека крафт пивата се од 6 до 7 евра. Половина литар вино е 5 евра, а локалното узо чини 8 евра. Цените на класичните коктели се движат од 7 до 8 евра.
Што се однесува до омилениот специјалитет – гирото, кој во раните години секогаш чинеше од 2 до 2,5 евра, просечните цени сега се од 3 евра за гиро пита и од 7 евра па нагоре за порција. Слични се цените за скарата, ќебапите и хамбургерите. Свинско ребра чини 7,5 евра, а цело печено пиле може да се најде за 8 евра.
Пица се наоѓа за 8 до 12 евра, во зависност од дестинацијата. Морските плодови се движат од 8 евра за пржени лигњи и школки до 12 евра за октопод на скара. Грчката салата чини 6,5 евра, а Цезар салатата околу 10 евра.
Како што пренесуваат српските туристи за „Блиц“, особено е интересно што некои ресторани во Грција нудат 15 проценти попуст за српските гости.
Комплет лежалки и чадори во баровите во Пефкохори чини 4 евра, но задолжителна е и конзумацијата. Цената на кафето е околу 4 евра, така што ви се потребни минимум 8 евра за уживање на плажа. Во некои „пофенси“ барови две лежалки и чадор коштаат 10 евра, плус задолжителна консумација.
Надвор од Пефкохори има барови на плажа каде добивате лежалка и чадор за сонце само со консумација. Кафето исто така чини 4 евра, пивото 5.
Цените на овошјето и зеленчукот во продавниците се релативно нормални, додека месото е нешто поскапо. На пример, цената на лебот на Халкидики е околу 40 центи (околу 25 дeнари), килограм домати чини 2,1 евро (130 дeнари), а лубеницата е 1,1 евро или околу 70 denari.
Маслиновото масло чини 5 евра, а 6-литарски балон со вода се движи до 1,7 евра (околу 100 дeнари).
Извор: “Република.мк”