ПССТ! ВЛАДАТА „ЗАСЕДАВА“ – Колумна на Протоереј Љупче Петрески

ПССТ! ВЛАДАТА „ЗАСЕДАВА“

Вчера, патот низ Прилеп, како многупати досега, ме однесе низ нас. „Точила“, каде живеев дваесетина и повеќе години. Минам тука често, но вчера, минав онака лежерно, без брзање, евоцирајќи спомени. И повторно, на една од жолтите згради, го видов моето „дело“, графит испишан со црн спреј.

Некој се обидел да го премачка, но не успеал целосно да ја заврши работата, па така, се’ уште се читливи зборовите кои, ако добро се сеќавам, ги „нашарав“ во далечната 95-96 година: КАПИТАЛИЗМОТ Е ЛЕГАЛИЗИРАН КРИМИНАЛ.

Денес, воопшто не се сеќавам дали јас ги смислив или некаде сум ги прочитал овие зборови, но со сигурност знам дека беа напишани како израз на гневот и револтот кој го чувствував.

Како и да е, чинев дека реално го опишуваа времето во кое живеев. Постарите генерации се сеќаваат дека тие беа години кога се привршуваше криминалната приватизација на општествениот капитал во Македонија, односно мрачната транзиција, која неофицијално заврши ’97 или ’98 година, предводена од владата на СДСМ.

Накратко, според моето скромно познавање на оваа проблематика, во почетокот на транзициониот период не постоеше капитал сконцентриран во приватни џебови, па владата на СДСМ, и’ помогна на „новопечената“ бизнис и финансиска елита, главнината актуелни директори и членови од редовите на владејачката партија, лесно да го превземат капиталот со тоа што овозможи законско шеесетпроцентно обезвреднување на фирмите или, според моето гледиште, легализирање на криминалот кој требаше да се случува во наредните години при преминот во капитализам. И би легален криминал од незапамтени размери за македончето.

Оваа сурова транзиција или приватизација, генерираше банкротирани фабрики, масовно отпуштање на работници, огромна невработеност, сиромаштија, родители од чиј поглед „зрачеше“ очај, зголемен број на самоубиства и, рашири општа политичка и општествена летаргија. Општествената ничкосаност беше карактеристична за следните години.

Функционирањето на институциите, законите и судството може да биде посочено за пример како не треба да функционира системот во една држава. Корупцијата беше другото име на Македонија. Демократијата, иако родена пред неколку години очигледно имаше „пречки во развојот“ и не можеше да прооди.

Нејсе! Да се вратам на графитите зашто гневот во мене не стивнуваше а се’ уште имав од црниот спреј, кој го купив со позајмени пари. Во дворот на една од блиските куќи имаше полски клозет, чиј заден ѕид граничеше со тротоарот и „гледаше“ кон главната улица. Тука минуваа стотици луѓе дневно.

Како да беше измислено токму за тоа што го наумив. Нашарав со големи букви: „ПСССТ! ВЛАДАТА „ЗАСЕДАВА!“ Предизвикуваше смеа наредните неколку денови. Потоа го варосаа. Неколкупати. Се’ додека не исчезна црниот спреј. Не „поживеа“ долго. Преживеа само во моите спомени исто како што преживеаја и спомените од тие лоши времиња.

Оттогаш, минаа дваесетина години. Мојата генерација, ние, „децата на транзицијата“, веќе навлеговме во петтата деценија од животот. Сега сме возрасни, зрели личности. Изодевме добар дел од „патот“. Секој по својот, кој како се снашол. Времето немилосрдно тече. Некои од нас имаат деца кои, можеби, пишуваат графити. Но што друго се промени?

Речиси ништо. Денес, не знам дали воопшто транзицијата е официјално завршена. СДСМ е повторно на власт. Криминалот е секаде присутен и наголемо се практикува од владејачката гарнитура. Како тогаш, така и сега, криминалот е легализиран преку тендери, грантови и т.н. Сведоци сме дека последниве неколку седмици секојдневно слушаме за тоа како меѓусебно си ги „делат“ нашите пари. И не се кријат! Недомаќинското и неодговорно работење на владата зема замав.

Општеството повторно е ничкосано на плеќи. Законодавниот дом се претвори во циркус. Непочитувањето на законите и Уставот стана наше секојдневие. Корупцијата никогаш не си „замина“ туку пушти длабоки корени особено во судството, обвинителството …

Партизираноста на институциите не само што никогаш не се искорени туку сега дури се негува со особено внимание. Целосна ерозија на системот. Овие денови особено се распламти вирусот на комунизмот, кој длабоко во себе СДСМ се’ уште го носи, „косејќи“ ги неистомислениците преку поданичкото и корумпирано обвинителство и судство.

Сите оние кои се против штетниот договор со Грција и против промената на името и Уставот на Република Македонија се потенцијална мета на овие продолжени владини раце. Желбата да се влијае врз медиумите кулминираше последниве неколку дена.

Во однос на исполнувањата не предизборните ветувања, оваа влада покажува апсолутна незаинтересираност. Лагите на Премиерот никој повеќе не може да ги следи. Се множат со незамислива прогресија. Ваквото однесување зборува дека тој се подбива со интелектот на сопствениот народ. И што ли уште не!

Дали сите овие аномалии се карактеристични за едно демократско општество? Секако дека не!

За демократијата само се зборува, но реално ја нема, не ја гледаме. Каква е таа демократија кога власта не само што не ја зема предвид волјата на народот, ами и ја гази? Каква е таа демократија кога во нејзино име се газат законите и Уставот на државата, од кои народот ја црпи силата?

Затоа, сметам дека и делумно „преживеаниот“ и варосаниот графит потполно би соодветствувале доколку би биле напишани и во денешно време. Само што, варосаниот графит, веројатно би требало да биде дополнет, затоа што има разлика меѓу Владата на СДСМ пред дваесетина години и оваа Влада на СДСМ. Разликата е во тоа што оваа влада МНОООГУУУ ПОЧЕСТО И МНОООГУУУ ПОДОЛГО „ЗАСЕДАВА“!!!

Протоереј Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.