Проширена истрагата за трагедијата во Кочани: Приведен е Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ

Александар Нацев осомничен за трагедијата во „Пулс“ – обвинителството го смета за „реален сопственик“ на фирмата за обезбедување
По претреси во Скопје и Пробиштип одземена е обемна документација.

“Лицето е лишено од слобода и со оглед на сите околности и законски основи, јавниот обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Кочани ќе достави предлог за определување мерка притвор”, соопштија од Обвинителството.

Тие ќе произнесоа деталите.

“Без да имаат договор со клубот ‘Кабаре ПУЛС’ Кочани, во текот на 2025 година незаконски вршеле обезбедување на објектот. Новоосомничениот активно раководел со ова обезбедување, спротивно на Законот за приватно обезбедување – без безбедносна проценка, план, проверка за противпожарна заштита и услови за евакуација. Во ноќта на пожарот, не го контролирале влезот, дозволиле присуство на малолетни лица, преполнетост на објектот и внес на пиротехника од музичката група, што довело до пожар во кој загинаа 62 лица, 157 беа тешко повредени, а 54 со полесни повреди”, информираат од Обвинителството.

Претходно, Александар Нацев негираше вина и поврзаност со случајот.

“Сочувство до фамилиите на сите 59 трагично згаснати животи во Кочани, меѓу кои има и мои блиски лица. Сакам да нагласам дека информациите за моја поврзаност со овој настан се дезинформација и шпекулација. Тоа се само обиди за блатантна политичка игра и добивање морбидни поени”, порача Нацев на 16 март, пред да биде осомничен.

Погледнете што објави Нацев по трагедијата.

Александар Нацев, кој потекнува од Пробиштип, во минатото бил директор на Дирекцијата за класифицирани информации од 2015 до 2017 година, во време кога премиер беше Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја водеше Владата. Често се појавуваше како портпарол на оваа партија, а денес е извршен директор на Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ) и професор на Факултетот за државна безбедност.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.