Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола, на својот Фејсбук профил, направи кратка анализа за потребата од изградба на автопатска делница Прилеп – Битола.
-Видот на пат и бројот на сообраќајни ленти зависи од повеќе фактори, меѓу кои најважни се бројот на население на дадено подрачје, просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) односно фреквенцијата на возила, проектираниот раст на обемот на сообраќајот, (не)постоењето на алтернативен пат, како и важноста на даден пат за економијата на една земја.
Меѓутоа, како генерално правило, минимален ПГДС од најмалку 20.000 до 30.000 возила најчесто се цитира како праг на исплатливоста за изградба на автопат со 2х3 сообраќајни ленти.
Прагот на исплатливост за експресен пат со 2х2 ленти изнесува околу 10.000 до 15.000 возила на ден, во комбинација со останатите фактори. Доколку безбедноста е важен фактор (како на пример патиштата преку Плетвар, Буково или Стража), може да се гради експресен пат дури и при помала дневна фреквенција.
Патот Битола-Прилеп е далеку под овие бројки, односно ПГДС изнесува под 5.000 возила на ден (поточно 4.884 возила на ден, измерено во 2017 година). Освен тоа, теренот е рамен и видливоста е одлична, па ни безбедноста не диктира потреба од „фул“ автопат со 2х3 ленти.
За споредба, на автопатот Београд-Ниш, на наплатната станица Бубањ Поток, ПГДС изнесува околу 44.000 возила на ден! Сиот сообраќај од Белград кон Бугарија, Турција, Македонија и Грција мора да помине таму, па дури и 2х3 ленти понекогаш се малку, би можело да има и 2х4 сообраќајни ленти.
Од друга страна, на делот од автопатот од Бујановац до границата со Македонија автопатот изгледа речиси празен, со ПГДС од околу 6.000 возила на ден. Сепак, Србија решила да изгради автопат и таму, само за да го комплетира коридорот кон Грција.
За сé постојат изградени критериуми и емпириски правила, но лошо е кога ќе се замеша политиката и ќе ги „кратко спои“ сите критериуми – како и за многу други прашања во земјава.
Кај нас има стручни лица што го знаат ова многу подетално од мене, но сепак решиле да молчат како мулиња и да гледаат како земјата заглавува во должничко ропство. Зошто?